Охрид ќе добие модерно улично осветлување, а соодветно осветлени ќе бидат и голем број културно- историски знаменитости и објекти, информираат од локалната самоуправа.

–    Во моментов работиме на студија за улично осветлување по примерот на сите познати големи градови во светот.  Во моментов, трошоците за одржување на осветлувањето се големи, а потребни се уште дополнителни 1500 сијалични места во општината, кои трошоци за одржување не би можеле да ги поднесеме доколку не се изнајде друг модел кој ќе овозможи подобро улично осветлување, кое во исто време ќе биде и поекономично, вели секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.


Од локалната самоуправа информираат дека во идниот период ќе се изврши илуминација на голем број значајни објекти во градот, а ќе се реши и проблемот околу осветлувањето на Самоиловите тврдини, чии делови се осветлуваат наизменично .

–    Станува збор за банален проблем, затоа што осветлувањето на тврдините досега се спроведуваше преку исто  електрично сандаче, на кое е приклучено и осветлувањето за околните улици. Поради големиот напон и опасноста да дојде до преоптовареност, мораше осветлувањето на Самоиловите тврдини да се врши дел по дел. Направени се контакти со ЕВН за поставување на одделно електрично сандаче преку кое ќе се врши осветлувањето само за тврдините, па наскоро оваа значајна локација во градот ќе блесне со сиот свој сјај, вели Спасески.

OhridNews