
На Конкурсот кој е објавен минатата седмица, може да учествуваат композитори со диплома по композиција од високообразовна установа или композитори чии дела во изминатите 5 години биле изведувани на еден од фестивалите за класична музика во државава (Охридско лето, Мајски оперски вечери, Денови на македонската музика, Интерфест – Битола, Есенски музички свечености, Златна лира).
Секој композитор има право да конкурира со по една композиција во една категорија, а најмногу со 2 композиции во еден конкурсен рок, односно со 4 композиции годишно. Категоризацијата на композициите во Конкурсот е направена според видот на изведувачкиот апарат на делата, времетраењето и жанрот на делата.
На Конкурсот може да учествуваат само автори-државјани на Република Македонија, а композициите со кои се конкурира не треба да се претходно јавно изведувани, публикувани и презентирани. Конкурсот за откуп на музички композиции се објавува заради: стимулирање на дела од македонското музичко творештво; афирмација на композиторите од Република Македонија и збогатување на фондот на дела од сериозна музика од домашни автори.
Конкурсниот рок за поднесување на композициите е од февруари до ноември во тековната година и за него ќе се одлучува двапати годишно, во јуни и во ноември.
OhridNews











