
Проектот, кој денеска беше презентиран, е финансиран од ЕУ, ИПА 2010 компонента 1 и ќе трае 19 месеци. Кориснички институции на проектот се Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство.
Евроамбасадорот Аиво Орав информираше дека овој проект ќе се спроведува со италијанското Министерство за храна и политики и во него ќе бидат вложени 1,3 милиони евра.
Амбасадорот на Италија во Македонија Ернесто Масимино Белели истакна дека целта на проектот е да се воведат и споделат најдобрите ЕУ-практики во Македонија, во контекст на македонското законодавство за, како што рече, да може да воспоставиме една функционална пазарна економија.Според него, земјоделството е високо приоритетен сектор во кој се реализира овој проект и додаде дека ќе има ефект врз економијата.
-Ќе им се овозможи на македонските производители да влезат на европскиот пазар, ќе се овозможи пораст на економијата и можност да се даде неопходната поддршка на земјоделците кои македонската Влада веќе им ја овозможува на објективен и најдобар можен начин, потенцира Белели.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков потсети дека во последните години Владата и Министерството за земјоделство направиле огромни напори за да го поттикнат и поддржат развојот на земјоделското производство, како и подобрување на фитосанитарните стандарди на земјоделските производи.
OhridNews











