Засилени мерки и интензивирање на контролите за спречување на бесправната сеча на шума и нелегалната продажба на огревно дрво, договорија претставниците на Граничната полиција-регионален центар Запад и СВР Охрид со одговорните во шумската полиција и шумските стопанства од Охрид, Струга и Дебар.
-Со цел понатамошна успешна реализација на оперативната акција „Гора“, на вчерашната средба се допрецизираа конкретни активности за поголемо координирано постапување на терен и на целото подрачје со цел откривање, спречување и намалување на нелегалните активности поврзани со неовластена сеча и транспорт на огревно дрво, пустошење на шуми, кражба и нелегална трговија со дрвната маса, информираат од СВР Охрид.
Оттаму објаснуваат дека тимови од полициски инспектори, шумска полиција, инспектори за шумарство и од шумочуварските служби, ќе ги засилат дневните а посебно ноќните контроли на терен и ќе поставуваат контролни пунктови на одредени места.
-На удар и понатаму ќе бидат местата каде се врши нелегална сеча и продажба на огревните дрва, а посебен акцент се става на оперативен план и контрола на одредени правци на движење на нелегалните дрвосечачи и моторните возила со кои се врши нелегален транспорт, потенцираат од СВР Охрид.
Од почетокот на акцијата „Гора“, беа извршени контроли во складови за огревно дрво но и на повеќе шумски појаси, по што беа поднесени кривични пријави на правни и физички лица. На еден државјанин на Република Албанија му беше изречена мерка притвор, а одземената дрвна маса и предмети поврзани со оваа нелегална активност се предадени на шумската полиција.
OhridNews