Со дел од овие средства ќе се ангажираат чуварски служби, а останатиот дел ќе се потроши за поставување на видео- надзори во училиштата во кои се уште не се поставени, а ќе се ангажираат и вработени од агенциите за обезбедување.
– Уште минатата година во локалната самоуправа се направи план за ангажирање на професионалци кои ќе се грижат за безбедноста на учениците и самите училишни објекти. Годинава веќе се издвоени средства од буџетот и тоа ќе се реализира во текот на годината, вели Серафим Наумовски од одделението за образование на Секторот за јавни дејности при Општина Охрид.
Освен безбедноста, ќе се зголемува и заштедата на топлотна енергија во училиштата со замена на старата и дотраена дограма.
Нови врати и прозори е предвидено да се постават во ОУ “Григор Прличев”, ОУ “Христо Узунов”, ОУ “Братство и единство”, Св. “Климент Охридски”, “Св. Наум Охридски”, ОМУ “Методи Патче” и училиштата во селата Коњско и Елшани.
Во дел од училиштата ќе се врши и санација на санитарните јазли, а од локалната самоуправа потенцираат дека ќе се зголеми и нивото на хигиена во објектите во кои учениците ја следат наставата.