Во текот на првата половина од наредниот месец ќе започне да функционира дисперзираната градинка во просториите на основното училиште „Кочо Рацин“ во населбата „Радојца Новичиќ“, која ќе работи под надлежност на ЈОДУГ „Јасна Ристеска“. Отварањето на оваа градинка е дел од програмата на Владата на Република Македонија за отворање на 40 нови детски градинки со вкупен капацитет за згрижување од 860 дечиња.
Владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, денес информираше дека новите простории на охридската градинка се уредувале истовремено со градинките во населените места Припор, Црниче, Истибања и општина Василево.
Инаку од управата на градинката „Јасна Ристеска“ неодамна не информираа дека градежните работи за преадаптација на просторот во училиштето „Кочо Рацин“ се завршени и дека се обезбедени соодветни услови за престој на дечињата. Оттаму потенцираат дека отварањето на оваа градинка ќе значи многу за згрижување на децата од предучилишна возраст кои живеат во населбата „Радојца Новичиќ“.
Одлуката за отворање на дисперзирана градинка во оваа населба беше усвоена на Советот на општина Охрид во месец јуни годинава. На истата седница беше донесена и одлука за отворање на дисперзирана градинка и во селото Пештани.
Во моментов во сите објекти на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ запишани се и се згрижуваат над 830 деца.
OhridNews