Атлетичарите од Кенија, Абел Кибет во машка и Ребека Џепчирчир во женска конкуренција триумфираа на 29-то издание на меѓународниот атлетски маратон во Охрид.
Патеката долга 30 километри Кибет ја мина со време (1.43.10) пред победникот од 2012, Унгарецот Тамаш Наги (1.43.39) и српскиот атлетичар Саша Столиќ (1.48.11).
– Трката беше одлична и неизвесна. Со мојот конкурент држевме исто темпо речиси цело време низ трката. Ова е прв пат што доаѓам во Охрид и многу ми е мило што успеав да победам. – рече Кибет по завршувањето на трката.
Кенијката со време (1.48.12) победи во женска конкуренција и го сруши рекордот на Ана Субитоќ која во Охрид финишираше на втората позиција (1.58.43). Третата позиција и припадна на Благица Јованова од атлетскиот клуб Кочани (2.24.53).
– Многу сум среќна што успеав да победам и да го срушам рекордот на трката во Охрид. Ги пратев машките атлетичари кои исто така имаат заслуга за мојот резултат. – потенцираше Ребека.
Прв македонски атлетичар кој ја мина целта беше Игор Цветаноски со 12 минути заостанување од првопласираниот.
Мх.П.