Музејот, спомен куќата на револуционерот, охриѓанецот Христо Узунов побогата за уште една, вредна  поставка- своерачниот ракопис на Узунов од времето кога бил учител во Охрид и ќесето со пари кое го остава за организацијата непосредно пред неговата смрт.

Како што објаснува Горан Митревски, кустос историчар во НУ Завод и музеј Охрид, ракописот и ќесето се преземени од семејството на веќе починатиот историчар Никола Целакоски, кој долг период вршеше истражувања за живото и делото на Христо Узунов.

 
Ден пред Илинден,  пред јавноста сакаме да ги презентираме новите документи поврзани со животот и делото на учителот, револуционерот, началникот, војводата, великиот, како што охриѓани го нарекувале Узунче ,Христо Узунов. Станува збор за своерачна белешка на Узунов од периодот кога учителствува во Охрид, односно учебниот план и програма за предметите кои им ги предавал на учениците во Месокастро и Варош: Закон божји, читање, пишување, сметање, основно образование,  општество, природа ,цртање, краснопис, пеење и физичко воспитување, објаснува Митревски.

Она што привлекува особено внимание е реликвијата, ќесето во кое се наоѓале парите кои Узунов, непосредно пред да се самоубие, и ги остава на организацијата, пишувајќи го познатото претсмртно писмо со совети до семејството и организацијата како да делува понатаму , дава отчет за архивата и парите кои ги носи со себе, бара прошка и се збогува.

На 24 април 1905 година во Цер во последните мигови од животот, Христо Узунов го пишува познатото претсмртно писмо.Војводата ревизор дава отчет пред организацијата за архивата и парите кои ги носи со себе и пишува- дека ги оставил во дупка во ќесе во кое има  4 и половина наполеони, една лира и околу 40 гроша охридски пари, го предава писмото и се самоубива. Оваа реликвија е сведок за едно време и еден човек- идеал за револуционер, искрен, правичен, упорен и самопожртвуван, истакна Митревски.

Митревски изрази голема благодарност до семејството на историчарот Никола Целакоски и до Гоце Жура, иницијатор и член на комисијата која го извршила примопредавањето на вредните предмети од семејството Целакоски.

Ракописот и ќесето за пари наскоро ќе бидат изложени во спомен куќата на Узунов каде покрај големиот број предмети поврзани со животот и делото на Христо Узунов, се наоѓа и дел од неговата брада. 

Т.К.