Таа во рамки на неколкудневниот престој во Македонија, и покрај интензивните врнежи од дожд, успеа да го посети и да помине неколку часови во Охрид, при што на луѓето кои ја придружувале им кажала дека толку е восхитена од природните убавини на градот, што посакува и да се пресели и да живее тука.

Денев при неколкучасовната посета имаше можност да ја посети Галеријата на икони, црквата „Света Богородица Перивлепта“, Плаошник и продавниците на фамилијата Филеви, која од 1928 изработува оргинален охридски бисер.

Денев, која и самата имала големо познавање околу изработката на бисерите била воодушевена од примероците накит кои имала можност да ги види во продавниците на Филеви. При тоа, од страна на сопственикот, Михајло Филев, на француската актерка и беше подарен прекрасен ѓердан изработен од охридски бисер.

Посетата на Денев во Охрид заврши со ручек во познатиот ресторан „Момир“ каде таа имаше можност да вкуси охридска пастрмка.
На Денев, при свеченото отворање на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола, од страна на претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, и беше врачена специјалната награда „Златна камера 300“.












