Во организација на Охридско Лето, музичкиот ансамбл „Гласот на Јунан“ – светската атракција од Кина, ќе гостува во Македонија со два концерта, денес во Скопје, а на 28-ми јануари во Охрид.

Ансамблот од Пекиншката академија на традиционалната музика, го прикажува диверзитетот и восхитувачката уметност на етнички најбогатата кинеска провинција – Јунан позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Од 56-те официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан.

Ансамблот „Гласот на Јунан“ е основан од страна на славниот кинески сопран Јин Џиаофенг, а како музички директор се потпишува познатиот кинески композитор Зоу Ханг. Перформансот на овој ансамбл претставува своевидна музичка галаксија сочинета од изворните звуци и музиката на етничките малцинства во Јунан. Со цел концертите на најдобар и на најавтентичен начин да ги прикажат етно песните и фолклорната уметност на етничките групи од провинцијата Јунан, креативниот тим на овој ансамбл помина многу време во областите од Јунан истражувајќи и собирајќи етно песни и изворни релевантни материјали меѓу самите етнички малцинства.

Според организаторите, некои од репрезентативните изведби кои ги вклучува перформансот на ансамблот „Гласот на Јунан“, како што се Танцот на паунот, Танцот на левата нога, Танцот за гозбата и Танцот на Ва малцинството, ќе бидат презентирани на концертот за да се долови убавината на природата и животот кои се содржани во етно уметностите од Јунан. Покрај тоа, разновидноста на музичките форми кои се претставуваат на концертот, како што се поп и светската музика, се изведени од изворната етно музика на малцинствата во Јунан со цел древната музика да се изрази и на нов поинаков начин.

Класичната кинеска музика пренесувана од генерации на генерации е дел од овој перформанс, исто како што е и восхитувачки богатата фолклорна култура од различните региони на Кина. Последните археолошки истражувања ја сместуваат оваа музичка традиција со векови пред самото појавување на Европската цивилизација, со што таа е веројатно едно од најдревните пројавувања на човековата културна историја.

Концертот во Охрид ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“. Цената на билетот е 200 денари.

OhridNews