Кинеските вакцини ќе пристигнат утре. Меѓу 5.000 и 7.000 вакцини на „Фајзер“ ќе пристигнуваат секој понеделник во мај, односно вкупно 26.000, најави вчера министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека очекуваат информација за вакцини и од Ковакс-системот.
Во меѓувреме, српската премиерка Ана Брнабиќ соопшти дека Србија и донирала дополнителни 13.000 вакцини „Спутник В“ на Северна Македонија, наведувајќи дека досега на земјава и се донирани вкупно 48 000 вакцини, јави дописникот на МИА од Белград. Таа потврди дека до Северна Македонија споменатите количини на вакцината „Спутник В“ биле доставени прексиноќа како дел од контингентот од 20.000 вакцини од компонентата два, наменети за ревакцинација.

Во врска со ситуацијата со Ковид-19 во државава, министерот Филипче посочи дека таа внимателно се следи и не се очекува зголемување на бројките на новозаболени.
Кривата е веќе парабола и ја имитира онаа од ноември-декември, паѓаат бројките на новодијагностицирани, тоа се чувствува и во болниците каде притисокот се намалува и нема многу приеми и префрлања од една во друга здравствена институција како што беше случај во почетокот на април. На состанокот со верските лидери, тие земаа обврска да обезбедат редарска служба за спроведување на протоколите и секој настан да го организираат надвор, пред црквите и џамиите. Епидемиолошката ситуацијата тоа во моментот го дозволува, истакна Филипче.

Граѓаните мора да знаат дека имаат индивидуална одговорност и дека мора да ги почитуваат мерките, рече Филипче.
Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 447 случаи со Ковид-19, 30 починати, 620 оздравени пациенти. На инфективните оддели во државава се лекуваат 1334 пациенти со Ковид-19.
OhridNews











