Делегација од градот Далиан- Кина, денес, оствари средба со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески. Гостите од Далиан предводени од заменик – директорот на канцеларијата за надворешни работи Хан Кијанг со градоначалникот разговараа за дејностите во кои може да се развие значајна соработка, а пројавија интерес и за најавената посета на делегација на Охрид на Кина, притоа предлагајќи градоначалникот Бакрачески да ја посети болницата во овој град, која е една од позначајните во Кина, во која функционира и одделение за лекување на канцерогени болести.

Гостите од Кина пројавија интерес и за соработка на полето на културата, предлагајќи да се резгледаат можностите за гостување на операта од Далиан на Охридско Лето. Разгледани беа можностите за соработка и со Универзитетот за информатички технологии , за што гостите од Кина пројавија посебен интерес бидејќи една од трите главни стопански гранки во Далиан е информатичката технологија.

Градот Далиан е еден од најразвиените градови во Кина, кој е лоциран во најбогатата кинеска провинција Манџурија.Регионот на градот Далиан е и еден од главните туристички центри на Кина, а во минатата година областа ја посетиле 53 милиони туристи од кои 11 милиони биле странци.

OhridNews