Селекцијата до 21 година испиша историски страници во македонскиот фудбал обезбедувајќи пласман на континенталниот собир во Полска следната година. Пулените на селекторот Благоја Милевски квалификациската трка ја минаа први низ целта пред Франција, Исланд, Украина, Шкотска и Северна Ирска.


Натпревар кој ќе се памети и прераскажува на идните поколенија е дуелот со Шкотска кој се одигра на националниот празник 11 октомври. Македонија го доби мечот со 2-0, а Украина ја забележа потребната победа над Исланд (4-2) за поклопување на коцките односно пласман на ЕП.

– Мечот со Шкотска на „Филип Втори“ арената сите репрезентативци со нетрпение го очекувавме и можам да кажам дека живеевме за него, а тоа го покажавме со нашата борбена игра на теренот од првиот до последниот судиски свиреж. Пред натпреварот сите имавме една цел, да победиме и со помош од Украина да го исполниме нашиот сон кој беше пласман на Европското првенство. Ние си ја завршивме работата со победата, која рака на срце не беше ни малку лесна иако во првиот дел постигнавме два погодоци. Притисокот пред мечот со шкотите беше голем, како никогаш до сега во мојата кариера, но на теренот ги исполнавме задачите од селекторот и стигнавме до победата која се покажа вредна пласман на ЕП. – рече Кире Маркоски кој со четири погодоци беше најдобар стрелец во македонската репрезентација.


Во успехот на У21 селекција нема тајни. Формулата за успехот лежи во тимскиот дух и мирната рака на селекторот Милевски кој успешно го склопи мозаикот.

– Со поголем дел од репрезентативците сме заедно од помладите селекции, а горе долу потекнуваме и од две школи Македонија Ѓорче Петров и Работнички, што беше олеснителна околност околу прилагодувањето и тимската хемија во репрезентацијата. Од самиот почеток селекторот си имаше своја цел и принцип на работа. Во сите нас успеа да вметне позитивна енергија која пак ние ја преточувавме во добри игри на теренот. – додаде Маркоски.


Охридската поддршка за Маркоски и останатите репрезентативци не изостана. На трибините на „Филип Втори“ можеше да се видат многу охриѓани и негови пријатели кои несебично го бодреа.

– Јас лично сум многу среќен и горд кога ќе видам моите најблиски, другарите и пријателите среќни поради успесите на мојот клуб или репрезентацијата. Честитки имаше од целата земја, но посебно ме радува фактот дека и Охрид се соживеа со нашиот успех. Морам да ги пофалам моите другари од детството од Влашка мала кои во ниту еден момент не ме оставија „мирен“ туку констатно ми честита и со мене ја споделуваа радоста. – заврши охриѓанецот.

Добрите и пред се константните игри не останаа без плод, бидејќи селекторот на А репрезентацијата, Игор Ангеловски го сврсти во списокот за квалификацискиот натпревар со Шпанија во Гранада.


Маркоски, настапи на неколку контролни мечеви на потенцијални репрезентативци од Првата лига, но против светскиот првак од 2010 година ќе има шанса и да дебитира во дресот со националниот грб.

Посетата на својот матичен град, Маркоски ја искористи да ја посети фудбалска школа Ла Масија. Тој на тренингот на дечињата им откри дел од фудбалските тајни и се сликаше со младите фудбалерчиња кои ќе имаат задача да го наследот успешниот охриѓанец.

Кире Маркоски во друштво на младите членови на Ла Масија.

Михаил Постоловски