Завршувањето на сезоната за Кирил Лазаров ќе значи вртење на нов лист во професионалната кариера. Репрезентативецот на Македонија дресот на Барселона и АСОБАЛ лигата ќе ги замени со боите на Нант и француската лига која е во голем подем.
Најдобриот стрелец на последниот Мундијал кој се одржа токму во Франција со новиот клуб потпиша двогодишен договор. Лазаров во интервју за специјализираната страница за ракомет „balkan-handball“ зборуваше за изборот на новиот клуб и зошто се одлучил да замине од Шпанија.
– Имаше доста интересни опции, а поминав многу непреспиени ноќи дури донесов одлука. Барселона беше во игра до последниот момент. Клубот одлучи да го подмладува и освежува составот исто како германската репрезентација во Полска која стигна до златото на ЕП. Нант покажа дека има големи амбиции и иднина. Клубот сака да напредува и го прави чекор по чекор, баш како што јас посакувам. Оваа сезона го победија Пари Сент Жермен со седум голови разлика, што значи дека се наоѓаат на вистинскиот пат. Беа многу конкретни и прецизни во преговорите што многу ми се допадна. Пред да потпишам разговарав со Ентрериос со кој играв во Сиудад Реал, а сега тој е помошник тренер во Нант. И неговите зборови влијае на мене, а исконтактирав и со голманот Шкоф кој едно време бранеше за тимот. – рече Лазаров.
Десниот бек осум години е дел од шпанската АСОБАЛ лига. Прво го носеше дресот на Атлетико Мадрид, па на Сиудад Реал, а последниве години ги брани боите на Барселона.
– Голема желба ми беше да се натпреварувам во јака лига каква што е француската. Посакувам полна сала, неизвесни натпревари и секоја екипа да може секого да победи. Малку ми здосади АСОБАЛ лигата, бидејќи мечевите се играа пред празни трибини и квалитетот опадна многу последниве години. Ни недостасуваше мотивација, а тоа доаѓа со изедначениот квалитет во првенстово, нешто што го немаше во Шпанија. Со нетрпение чекавме да дојдат мечевите од ЛШ и да одиграме некој натпревар со посериозен противник. Сето тоа што го посакувам ќе го имам во Франција и со нетрпение чекам да ја започнам сезоната во новата средина. – истакна Лазаров.
Исто така Лазаров за специјализираниот интернет сајт за ракомет зборуваше за македонските екипи во ЛШ, Вардар и Металург, за Лино Червар и за третиот ракометен камп под негова палка кој ќе се одржи во Охрид јуни месец оваа година.
OhridNews