Актуелниот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков, во интервју за OhridNews зборува за случувањата во партијата, подготовките за претстојните локални избори, колку е задоволен од досега реализираното на локалната самоуправа и градоначалникот. Првиот човек на ОК на ВМРО ДПМНЕ вели дека секој слободен момент го минува со своето семејство, а открива и дали некогаш помислил да живее надвор од Македонија….
OhridNews: Во вашата прва изјава дадена за OhridNews по изборот за претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ истакнавте дека Ваш прв предизвик ќе биде консолидација на партијата во Охрид. Дали веќе имате изградено стратегија како ќе ја постигнете оваа цел?
К.П.: Да, ВМРО ДППМНЕ во Охрид веќе засилено се подготвува за локалните избори. Состаноците со сите орагнизациони делови на партијата се завршени, посетата и состаноците со членовите на Месните комитети ќе следат, заедно со кандидатот за Градоначалник. Општинскиот Изборен Штаб за неколку дена ќе започне да функционира, во него ќе бидат вклучени многу активисти и членови коишто во сите претходни изборни победи дале свој придонес и во суштина, сите заедно во овој предизборен период да ја подготвиме партијата и да ја подигнеме на едно повисоко организационо ниво, што само по себе би довело до добар резултат на претстојните локални избори и на советничките листи и за Градоначалник.
OhridNews: Вториот приоритет во наредниот период истакнавте дека ќе ви биде победа на претстојните локални избори во Охрид на кандидатот предложен од ВМРО ДПМНЕ. Има ли интерес на објавениот повик на партијата? Дали меѓу пријавените кандидати забележувате име за кое сте уверен дека е „вистинското“?
К.П.: Објавениот повик за кандидати за гардоначалници одамна е завршен и на него знам дека имаше неколку кандидати кои што пројавија интерес. Околу вистинскиот избор, врз основа на добра анализа, анкети (како помеѓу членството, така и помеѓу граѓаните на Охрид) и спроведени интервјуа на истите кандидати кои се пријавиле на објавениот повик, убеден сум дека партијата ќе го донесе вистинскиот избор. Нормално, дека актуелниот градоначалник др. Никола Бакрачески врз основ на сите оние проекти кои се реализирани во минатиот мандат како и посветеноста која што ја вложи за Општина Охрид, има предност пред сите кандидати, меѓутоа на крај партијата ќе го даде завршниот збор. Како и да е, ние како Општински Комитет на ВМРО ДПМНЕ Охрид сме целосно подготвени заедно со кандидатот кој што ќе биде поставен да победиме на претстојните локални избори.
OhridNews: Градоначалникот Никола Бакрачески, кој доаѓа од редовите на ВМРО ДПМНЕ, даде отчет за досега сработеното за време на четири годишниот мандат. Колку лично сте задоволен од досега постигнатото на првиот човек на Охрид?
К.П.: Лично сум повеќе од задоволен од сето она што е сработено за време на четири годишниот мандат, бројот на проекти во сите области од општественото и политичкото делување е огромен и сето тоа е опфатено и добро објаснето во отчетот, којшто е отпечатен во повеќе примероци и веќе достапен за граѓаните…Исто така финансиското раздолжување и правилната работа во тој дел на оваа локална самоуправа, е видливо на секое ниво, од општината па се до сите Јавни претпријатија и таа насока на делување ќе треба да се задржи и после победата на локалните избори.
OhridNews: Неодамна дојде до реформи и во врвот на ВМРО ДПМНЕ. Дали сметате дека тоа „освежување“, како што беше објаснето од партијата, беше неопходно за да се оди напред?
К.П.: Реформите се природен процес во секоја партија, а посебно во нашата после долгогодишно владеење и победи на 10 изборни циклуси по ред, и самите по себе секако дека се потребни за да се оди напред како што кажавте, меѓутоа најважно е што ова е само почеток и реформите ќе продолжат во сите структури на партијата.
OhridNews: Сведоци сме на жестоки препукувања помеѓу политичките партии кај нас, впечаток е дека често партиското ривалство ги надминува границите на пристојно однесување. Потребен ли е политички фер плеј и дали може да се подигне нивото на комуникација помеѓу партиите?
К.П.: За пристојно однесување како и за фер кампања е потребна желба и заложба од сите политички ривали вклучени во претстојната кампања за локалните избори. Првите контакти со дел од политичките партии на локално ниво се веќе направени, меѓутоа како ќе се одвива самата кампања ќе зависи од сите нас учесници во претстојниот изборен процес. Понатаму ќе продолжи тој дијалог на локално ниво и сите заедно ќе се обидеме да ја одржиме комуникацијата на одлично ниво.
Во однос на комуникацијата со јавноста, јас заедно со ОК Охрид на ВМРО-ДПМНЕ планираме да имаме одлична соработка со сите медиуми на локално ниво и преку медиумите отворено и транспарентно ќе ја известуваме јавноста за сите теми во коишто Охрид како град ќе биде опфатен, без разлика дали се добри или лоши, без разлика која полтичка партија истие ја засегаат итн. Сепак, подобар Охрид во сите сфери на општественото делување е она кое што е во наш интерес како негови граѓани.
OhridNews: Каква е визијата на првиот човек на ОК ВМРО ДПМНЕ за Охрид?
К.П.: Силна партија на локално ниво, пред се организирана и подготвена да одговори на сите предизвици во сите изборни циклуси коишто ќе ни следат, а секако можеби и најважно за мене, вклучување на што повеќе членови кои што сакаат да допринесат во структурите на партијата.. Сето ова само по себе ни носи самоуверени настапи на сите изборни циклуси коишто ни следат, настапи кои ќе ни носат победи нас како Општински Комитет на ВМРО -ДПМНЕ.
OhridNews: Покрај функциијата во партијата, сопруг сте, татко, д-р стоматолог. Колку останува време за приватниот живот и како најчесто го минувате слободното време?
К.П.: Слободното време и времето за приватен живот заради изборниот процес кој што ни следи, ќе биде ограничено и сведено на минимум, меѓутоа секој слободен момент го поминувам со најблиското семејство и со луѓето кои ме прават среќен.
OhridNews: Голем број Ваши колеги својата професионална иднина ја гледаат надвор од Македонија, многумина веќе заминале. Дали некогаш сте помислиле својата кариера да ја градите во странство?
К.П.: Не, никогаш не сум помислил на напуштање на нашата држава и градење на професионална кариера надвор од Македонија. Планирам тука да останам и тука и професионално да се реализирам и надоградувам како стоматолог.
OhridNews: Љубителите на спортот ве знаат и како ракометен голман. Како гледате на спортот во Охрид, како до подобри резултати?
К.П.: Да бев иницијатор и основач на ракометниот клуб Охрид 2011 и од истата година до пред една сезона и капитен на истиот, меѓутоа доживеав повреда на коленото, поточно менискусот па прекинав со активното играње на ракомет. Спортот не само во Охрид, туку и на ниво на држава е нешто кое нас како народ ни носи често радост, а секако и успесите сами по себе се ншто со кое сите се гордееме. Вложувајќи во спортот, вложуваме и во иднината и развојот на нашите деца, кои занимавјќи се спорт или имајќи спортски идоли ќе ги тргнеме од улиците и сите оние пороци кои сами по себе ги носат истите. Подобри резултати се носат исклучиво со вклученост на целата заедница, од локалната самоуправа па се до секој бизнисмен на локално ниво, вложувајќи во било кој спорт, вложувајќи во инфраструктура и професинонална организациона поставеност во клубската структура. Сите овие погоре набројани факти се основен предуслов за одличен развој на спортот генерално, а резултатите ќе си дојдат сами по себе.
OhridNews: Дали имавте време годинава да заминете на одмор со своето семејство?
К.П.: Не, оваа година одморот ни беше планиран за крајот на август, меѓутоа со поставувањето за претседател на ВМРО ДПМНЕ ОК ОХРИД пред самиот изборен циклус, ми донесе зголемен ангажман и многу малку слободно време. Па, здравје, другата година со семејството ќе одиме на одмор.
OhridNews













