Пријавувањето на специјализанти на повикот од Министерството за здравство со кој се отвора можност за вработување на уште 300 приватни специјализанти во јавните здравствени установи до крајот на 2026 година е завршено. Со ова се очекува да се надмине состојбата со константен дефицит на специјалисти во јавното здравство, а се создаваат и услови младите специјализанти своето знаење, стручност и професионална иднина да ги градат во домашниот здравствен систем. Вработувањата ќе се реализираат согласно потребите на јавните здравствени установи и недостигот од специјалистички кадар, со цел младите лекари да бидат ангажирани таму каде што се најпотребни.

Пријавувањето на интерес заврши и сега во моментот се работи на усогласување на искажаниот интерес на специјализантите и на искажаните потреби на болниците. Ние не сакаме никому да наметнуваме со сила дека треба да примаат само зошто имаме интерес на специјализанти, секако треба да има потреба во соодветната болница. Приоритет се сите други болници освен во Скопје. Штом ги имаме резултатите од поврзувањето, што ќе биде многу наскоро, ќе искомуницираме во јавноста, ќе дадеме насоки да болниците ги започнат постапките за вработување кои ќе бидат, нели, со огласи и со повици и со тестирања и така натаму, истакна денес министерот за здравство Сашо Клековски при посетата на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид.

Во однос на состојбата со кадар во установите истакна дека фокусот е премногу ставен институционално, намесно да се гледаат потребите регионално.

Мораме да бидеме свесни дека недостигот на лекари и медицински сестри не е македонски, не е европски, глобален е тој проблем и недостигот само ќе се зголемува, тој нема да се намалува, многу причини влијаат на тоа. И во тој поглед мислам дека она што ние мораме да го правиме во иднина е да ги гледаме сите установи заедно: имате центри за јавно здравје, има здравствени домови, има општи болници, има специјални болници. И мислам дека мораме да почнеме да ги гледаме сите заедно бидејќи оптовареноста на едно место, можеби има слободен капацитет на друго место и ќе мора и здравствените работници да бидат пофлексибилни во однос на достапноста, посочи министерот.

​Генерално, вели, има недостиг на медицински сестри, инструментарки и сличен кадар и активно работат на овој проблем.

Се залагам во Владата и во Министерството за финансии да се олесни процедурата на замена на пензионираните здравствени работници, да нема толкава администрација за нешто што е веќе буџетирано. Во основа целиот концепт на проверка на вработувањата е дали има обезбедено средства, за да не се отвораат работни места што немаат обезбедено средства. Меѓутоа кај оние што заминуваат во пензија тие средства се обезбедени и се залагам да го скратиме периодот на одлучување и одлуките да бидат поврзани со работните места во текот на одреден период бидејќи сега се јавува дополнителен проблем со флуктуација на здравствениот персонал. Значи има премногу администрација што ги кочи одлуките.

Додаде дека е во постојана комуникација со директорите на установите во однос на оваа проблематика и се бараат начини за надминување.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска