Во периодот од 15 октомври до 20 ноември 1990 година, на Универзитетската клиника во Грац, дошло до замена на бебиња, пишуваат австриските медиуми.

Една мајка, по 25 години востановила дека детето за кое се грижела 25 години, воопшто не е нејзина ќерка, и дека дошло до замена на бебињата во болницата во која се пораѓала. Тоа е утврдено откако одлучила доброволно да даде крв.

Мајката и нејзиното семејство ја обвиниле Универзитетската клиника во Грац, од која бараат да го пронајдат нивното вистинско дете. Тие поднеле кривична пријава до обвинителството, а постапката е отфрлена со образложение дека случајот застарел.

„Не е докажано дека тоа се случило кај нас. Ние стапивме во контакст со семејството и се трудиме да го расветлиме случајот. Ако замената се случила кај нас, сакам во име на клиниката да им се извинам на погодените“, вели директорот на болницата.

Од Клиниката велат дека во периодот кога дошло до наводна замена на бебиња се родиле околу 200 бебиња. За да се најде вистинското бебе, треба сите тие 200 жени да се согласат на ДНК тестирање.

Болницата формирала посебен тим кој на сите жени им овозможува доколку сакаат да направат доброволен ДНК тест.

OhridNews
извор Макфакс