Шеснаесет ученици од подрачното училиште “Ванчо Николески” од Косел, заедно со својот наставник, одделенски раководител и одговорен за училишната библиотека , проф.Димче Донески, во рамките на својата  годишна програма за работа, изминатиов викенд беа гости на Саемот на книгата во Скопје.

Под мотото “КНИГА?! ДА, БЛАГОДАРАМ”, коселските основци остварија средба со  овогодишниот  лауерат на “Златниот венец” на  Струшките вечери на поезијата, поетот и академик Матеја Матески, кој  својата видна возбуда од средбата со младите коселчани ја изрази со книга подарок  и со запис-посвета за  учениците. Во иста мерка добредојде на Саемот  им искажаа   и академиците поети и писатели Раде Силјан , Божин Павлоски и Горјан Петрески, со кои учениците имаа кратки разговори и заедничко фотографирање.

Посетата на Саемот на книгата  за коселските ученици ќе остане незаборавна и по средбата и фотографирањето со шоуменот Игор Џамбазов, со поп-ѕвездата Дани, како и со екипата на А1 во чиј видео –запис за Саемот,влегоа и неколку  од коселските ученици.

Како втора цел на патувањето во Скопје од мотото “КНИГА?! ДА, БЛАГОДАРАМ”, основците од Косел ја посетија и Националната и Универзитетска Библиотека “Свети Климент Охридски”, каде беа срдечно пречекани  и запознати со основните податоци за библиотеката и со начинот  како да се  дојде до посакуваната книга  по електронски пат или во живо . Патем, беа посетени повеќе простории од кои најинтересна за учениците беше т.н.електронска читална. Во рамките на оваа посета , учениците ја разгледаа и изложбата на фотографии посветена на Јуриј Гагарин,сместена токму во холот на НУБ” Свети Климент Охридски”.

Коселските ученици својот убаво испланиран и доживеан ден го комплетираа со релаксирана прошетка до трговскиот центар Рамстор, каде  преку  заеднички ручек  и нови возбудливи средби ја задржаа до крај својата ведрина и љубопитство за уште убавини на остатокот од денот. Меѓу повеќето направени фотографии од овој успешен ден е и онаа во Рамстор со најпопуларниот и најнаградуван македонски боксер Вели Мумин. …А патувањето и враќањето кон Охрид….како што и личи: детски лудо и незаборавно! Впрочем, фотографиите  говорат најмногу.


Шампионот Мумин со учениците од ОУ “Ванчо Николески”

OhridNews