Во рамки на овогодинешната програма на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, вчеравечер во Конгресниот центар се одржа промоција на книгите „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“ и „Славе Ѓорго Димоски во книжевната критика“ кои се издадени со поддршка на Општина Охрид.

Пред присутните на промоцијата, свое обраќање имаше заменик градоначалникот, Перчо Божиновски кој истакна дека како бисери во низа се редат вредните книжевни дела издадени под покровителство на Општина Охрид и кои оставаат силен печат во литературното издигнување на градот и се паметници на нашата историја и култура.

„Книга за Светите браќа Климент и Наум Охридски“ е капитално издание кое и ни ги доловува најзначајните сознанија за животот и делото на нашите духовни учители, градители на Охридската архиепископија и носители на писменоста. Свети Климент и Наум се симболи на македонскиот идентитет, а нивните писма и проповеди се извори на учење и инспирација. Тие се икони на верата и мудроста и се пример за посветеност кон духовниот пат и несебично служење на Бога. Оваа книга е портал преку кој може да ги истражиме нивните учења, нивната посветеност кон знаењето и верата. Во времето кога технологијата и брзиот ритам на живот ни се наметнаа како доминантни, книгата за Свети Климент и Наум ни дава можност да се замислиме и да се повлечеме во длабока духовна рефлексија, рече Божиновски.

Упати честитки до авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски за нивната неуморна работа и нивниот несебичен труд и за овој бесценет книжевен подарок, кој останува како аманет за идните покленија.

Покрај ова издание, вечерва сме тука да говориме и за уште една значајно литературно дело во кое е испреплетена дејноста на авторите кои ги споменав предмалку. Книгата зборува за творештвото на нашиот врвен охридски поет и книжевник Славе Ѓорго Димоски, а на истата како приредувач се потпишува неговиот соработник и истакнат книжевен деец Димитар Пандев. Патувајќи низ страниците на оваа книга во која се испишани записи, осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и творештвото на Димоски, од страна на врвни писателски имиња од Македонија од странство, се чуствуваме навистина привилегирано што сме охриѓани и што сме присутни овде, во овој сегашен миг, што имаме можност лично да го познаваме и што имаме можност да учиме од неговите неисцрпни искуства и да ги следиме неговите книжевни стапки, потенцираше Божиновски.

Посакувам, додаде Божиновски, наредната година да имаме можност да промовираме уште некое ново литературно дело кое има непроценлива вредност и го надополнува богатството на охридската и македонската култура.

OhridNews