Угледниот белградски издавач „Архипелаг” ја објави најновата книга на македонскиот поет Ристо Лазаров во превод на српски јазик.

Поговор белградското издание, кое доаѓа само еден месец по објавувањето на ,,Езерска” на македонски, напиша академик Катица Ќулавкова, која подвлекува дека „ако се следи развојот на поетското творештво на Лазаров, ќе се види дека тоа речиси исцело е проткаено со една тенденција да ги поврзува песните во поголема целина, не само во циклуси туку и во книги”.

Тоа е експлицитно покажано во неговата најнова збирка поезија „Езерска”, тематски конектирана со охридскиот географски, културен и историски простор. „Езерска” не е типична, егземпларна поема, ама покажува стремеж да биде поема, да прерасне во поема во читателската визија, затоа што нуди компактна книга: секоја песна си е целина за себе, ама припаѓа и на една виша целина, онаа на книгата. Оваа книга со своите 49 песни алудира на многу нешта во коишто се препознава македонската реалност од 21 век, доловена низ фрагменти од охридскиот природен и градски пејсаж, ритам, говор, фолклор, вклучително и апсурд. Со други зборови, во книгата „Езерска” се вкрстени конкретните слики на охридската стварност со општите места од македонската културна и колективна меморија.