Во куќата на Уранија, вечерва, се одржа промоција на научното дело „Монетарна циркулација на Плаошник – Охрид во римскиот империјален период“ од охриѓанката Сања Битрак, археолог и нумизматичар вработена во Археолошкиот музеј во Скопје.

-Книгата содржи 287 примероци на монети пронајдени на локалитетот Плаошник во периодот од 2001 до 2010 година. Монетите се ковани од сребро и бронза од 31 година пне до 337 од нашата ера, односно од времето на владеењето на императорот Август па се до владеењето на царот Константин. Истите се многу значајни како културно наследство. -вели авторот Сања Битрак, која на ова научно дело работела 6 години.

Охрид бил значаен економски центар во античко време. Древниот Лихнид ковал свои монети наречени лихнидиони, а свои монети имало и племето Десарети кои го населувале овој простор.

– Охрид влегува во картата на антички градови на Балканот кој има свое монетоковање, што зборува за независноста на луѓето, но и за економската моќ. За време на истражувањата на Плаошник пронајдени беа над 20.000 монети коишто не само што го збогатија нумизматичкиот фонд на градот, туку и дадоа некои податоци за економската и историската активност на овој град и регионот. – изјави м-р Перо Арчанлиев од Археолошкиот музеј од Скопје, инаку исто така охриѓанец.

Промоторот на делото, д-р Славица Бабамова истакна дека книгата содржи многу значајни податоци, до сега непознати за научната јавност.

Оваа публикација пополнува еден значен сегмент од историјата на Македонија во римскиот период, историска епоха за која случувањата во Македонија се сосема кратко споменувани во античките извори. – рече Бабамова.

Книгата „Монетарна циркулација на Плаошник – Охрид во римскиот империјален период“ е прво дело на Сања Битрак, а промоцијата беше во организација на НУ Завод и Музеј Охрид.

Г.М.