Во Поградец- Албанија,викендов  се одржа промоција на книгата „Сто години копнеж“ од Мишо Јузмески. Домаќин и организатор на овој настан беше поградечката секција на македонското друштво „Преспа“, под раководство на претседателот Јован Шкемби.

На промоцијата присуствуваа неколку десетици Македонци од Поградец кои имаа можност да добијат примерок со посвета од авторот. За творештвото на Јузмески зборуваше охридскиот книжевник Тоде Илиевски, а поконкретно за „Сто години копнеж“ зборуваше м-р Лидија Размоска, која на присутните им прочита извадоци од книгата.

Пред две недели книгата „Сто години копнеж“ беше претставена и пред Македонците во градот Корча.

Со претставувањето на книгата воедно свечено беше означен крајот на првата фаза од курсот по македонски литературен јазик којшто во изминатите четири месеци беше спроведен од друштвото „Преспа“. Курсот го водеше учителот Џоџи Арѓири, а го посетуваа 21 ученик од различна возраст, сите жители на Поградец.

OhridNews