Повод: Информацијата за појава на јапонски вид крап во Охридското Езеро

Сега нема да го спомнувам значењето за ихтиофауната од Охридското Езеро, која впрочем како и онаа од Преспанското Езере е позната во светот со својот ендемизам и реликтност.

До пред педесетина години Охридското зеро го населуваа само тукашните, седумнаесетина, (сега со промена на систематиката се дваесет и еден) нативни или автохтони видови риби и нивниот број беше константен, неизменет со милениуми. Се мисли дека крапот пред петнаесетина века или порано е донесен и населен во Езерово паралелно со негово внесување во сите води јужно од Дунав и тоа со доаѓањето на Римјаните на овие простори, кој најверојатно имал мошне значаја улога во нивната исхрана.

Но по Втората светска војна, со појавата на маларијата, превентивно, се воведува во сите води во Македонија и пошироко, една мала риба, гамбузија (Gambusia holbrooki. Girard, 1859), која се храни со ларвите на маларичниот комарец, но за жал и со други животински организми во различни стадиуми од нивниот развој. Дали се` успеа или не да се сузбие маларијата, не би дискутирал овдека но факт е дека маларијата повеќе ја нема, но гамбузијата како биолошко „оружје„ против опаката болест остана во одреден број и на одредени места да живее во водите на Езерово.

Во едно време од пред четириесетина години кога Енвер Хоџа беше претседател на Албанија во инсталациите во Лин каде сега се одгледува подмладок од Охридска пастрмка до деведесетите се одгледувала калифорниска пастрмка. После некоја хаварија, случајна или намерна, „избегала„ одредена количина на калифорниска пастрмка во Езерово. За среќа поради неповолните услово за неа во Езерово, таа не успеала да се размножи и да ја обнови или зголеми својата популација.

Во деведесетите, при трансопортот на риба и увоз на подмладок од крап од различни места со цистерните со кои се пренесувала жива риба, иститите се надополнувала со чиста вода од Езерово. Повторно, ненамерно, дали од „наша„ или пак од Албанска страна е воведен голиот или рибничарски крап. Во „пакет„ со него одат и некои други рибни видови кои живеат во рибниците каде се одгледува подмладок од крап како што се карасот, Carassius gibelio, Bloch, 1782, безрибицата Pseudorasbora parva, Temmini &Schlegel, и горчливката, Rhodeus amarus (Bloch, 1782).

И се беше „мирно„ до пред нецела година. Рибната популација без некои промени во квалитативен смисол опстојуваше без некои промени. Количините на риба за поедини видови се сосема друга приказна и за жал количините од година во година, особено на најпознати видови загрижувачки опаѓа.

Оваа зима за време на изведување на вештачкиот мрест беше констатирано присуство на два или три примероци на толстолобик, кој никогаш порано не се среќавал во водите на Охридското Езеро. Среќа е што овој вид на овие пристори во природни услови не се мрести и не може да остави подмладок.

Пред извесно време, пред нецел месец, се појави информација дека во водите на Езерово се уловени неколку примероци на сончарка Lepomis gibbosus Linnaeus, 1758. Екипа од Хидробиолошки завод, од Одделението за Ципринидна фауна, ден два по добивање на информација излезе на терен и за жал нашите истражувања кои ги спроведовме, го потврдија тоа. Во Охридско Езеро е уловен сега за сега само еден примерок на сончарка Lepomis gibbosus Linnaeus, 1758. Во наредниот период продолжуваме со следење на популацијата на овој интродуциран вид риба.

Денеска се појави информација дека од страна на членови на Нуркачкиот центар „Акватек“, кои снимиле и фотографирале еден примерок на неавтохтон вид риба, јапонски крап, аквариумска украсна риба која е од несовесни граѓани фрлена во Езерово.

Ако за нецели 8 – 9 месеци во Охридско Езеро се појават (уловат) три ново внесени видови тоа битно зборува за нашата негрижа за Езерово од сите. Внесувањето на нови видови во водите на Охридско Езеро е забрането со Закон. До пред 4-5 месеци на Езерово имаше и концесионер чија задача беше преку својата рибочуварска служба да се грижи и превзема активности и против внесување на нови видови. Згора на тоа постои и инспекторат при МЗШВ.

Очигледно некој си се „игра„ со рибната популација од Охридското Езеро, како и со Дојранското, кога пред година – две кога се „појави„ од нигде никаде пирана, при што се намалува вредноста на Езерово како уникатен екосистем?

Трајче Талевски,
Раководител на Одделението за краповидна фауна
ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид