Избрана организација која ќе раководи со Младинскиот центар во Охрид. На претходно распишаниот јавен повик како услови беа наведени граѓанската организација да е регистрирана повеќе од две години, да има дадено свој придонес во областа на младинската работа, да има стратешки план и годишна програма за работа за тековната година.

По завршување на распишаниот оглас за избор на младинска која ќе раководи со Младинскиот центар Охрид, градоначалникот Кирил Пецаков, донесе решение со кое Коалицијата „СЕГА“ се избира за организација која ќе раководи со Младинскиот центар Охрид. Со избраната младинска организација ќе биде склучен договор во кој детално ќе бидат наведени нејзините обврски како и обврските на Општина Охрид. Дополнително со договорот ќе биде предвидена и годишната програма за работа на Младинскиот центар за 2022 година, информираат од Општина Охрид.

Младинскиот центар, како што претходно информираа од Општина Охрид, е место каде ќе се подготвуваат и спроведуваат програми кои ќе ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјален и професионален живот на младите, информации од важен интерес за младите и други апекти од животот на младите, согласно член 22 од Законот за младинско учество и младински политики.

Инаку, центарот времено ќе биде лоциран во дел од просторот во поранешната касарна во Охрид. Просторот е отстапен на трајно користење на Општина Охрид.

OhridNews