Без оглед што и да е причината и поводот за убиството на еден млад човек, ставот на Коалицијата СЕГА е дека ваквите постапки на млади луѓе треба строго да се осудат, неопходно е постојното воспитување на младите, а пред се поодговорно однесување на семејството (како институција), кое денес во трката за егзистенција врши запоставување на традиционалните вредности и воспитување на младите.
Според истражувањето на Коалицијата СЕГА направено меѓу 1040 млади во 14 градови од Македонија (минатата година) лошата економска состојба и негрижата на општеството најмногу влијаат на ширењето на девијантните појави (тврдат 33% од испитаниците).
Според 45% од испитаниците неопходно е да се врши континуирана едукација на младите за штетноста и последиците од девијантните појави, меѓу кои и насилството со оружје. Исто така 39% од младите сметаат дека грижата на семејството е многу битен елемент за намалување на ширењето на девијантните појави. Според тоа, сметаме дека треба да се продолжи со континуирана едукација на младите луѓе преку образовните институции со цел превенција и намалување на насилство; да се заложат институциите кои се надлежни (како училишта, ЦСР, НВОи, МВР) да преземаат континуирани активности за спречување и намалување на насилствата како и да се зајакне теренската (директната) работа со млади во насока на намалување на девијантните појави и да се зголемат кампањите за забрана за носење на оружје кај малолетниците, посочуваат од СЕГА.
Коалицијата СЕГА во 2010 и 2011 година го имплементира проектот за меѓукултурна толеранција и соработка помеѓу младите луѓе, насловен како „Промовирање на меѓукултурниот дијалог помеѓу младите во Македонија“. Проектот говори како младите треба меѓусебно да се почитуваат, како да бидат пријатели, зошто е потребно младите да комуницираат и да се дружат, за меѓусебно разбирање и соживот, без насилство и агресија.
Во тој контекст, Коалиција на младински организации СЕГА под итно бара активно вклучување на младите во заедницата и конструктивно користење на слободното време со цел да се минимизираат ваквите девијантни појави.