24- годишниот Петар Рупески од населбата Варош, беше најбрз и имаше најмногу среќа, меѓу стотината капачи кои денеска на празникот Св. Јован на кој во Охрид во поново време се одбележува и Денот на рибарите, се фрлија во ладните и разбранувани езерски води по бурињата со вино.
Тој доплива до единственото буре со црвено вино, и доби златник со ликот на Св. Јован кој му го врачи кумот на Водици 2014, Никола Бакрачески.
-Јас и минатата година допливав до бурето со црвено вино. Годинава го фатив и крстот и бурето. Се надевам дека тоа ќе ми донесе среќа и дека ќе најдам работа, бидејќи сум невработен, а здравје боже можеби и ќе се оженам оваа година.-изјави среќниот Петар Рупески.
Во езерските води беа фрлени четири буриња, од кои едно беше со црвено вино, а по останатите пливаа и ветераните на Водици.
Манифестацијата Денот на рибарите беше збогатена со културна програма, староградска музика, рибни специјалитети и натпревари.
Иако времето беше ветровито на градското пристаниште имаше голем број граѓани кои имаа можност да вкусат рибна чорба и да се загреат со вино и ракија.
Г.М.