Советот на родители при детската градинка „Јасна Ристеска“ – објект Лихнида и Ротаракт клубот од Охрид се вистински пример за општествена одговорност. Тие деновиве успешно реализираа уште една активност. Со заеднички сили ја дотераа фасадата од градинката, а ѕидовите дополнително ги разубави познатиот охридски уметник Славко Бачевски кој ги нацрта омилените ликови на децата од цртаните филмови.
Исто така освежена е и патеката во дворот на објектот каде се исцртани стапалки во различна боја.

Средствата за реализација на овој проект се целосна донација на Ротаракт клубот, а во работата активно учество зеде и Советот на родители од градинката Лихнида.
-Целта е да им покажеме на институциите кои треба да се грижат за градинката да се вклучат поактивно во подобрување на условите во градинката, пред се во областа на безбедноста и здравјето на децата, за што е потребно да се изврши реконструкција на покривот кој е во многу лоша состојба. Исто така треба да се промени и оградата, бидејќи несовесни граѓани тука фрлаат разни отпадоци, истакна Иван Цветкоски, од Советот на родители.
Тој изрази очекување дека во одржувањето на јавниот имот од објектот Лихнида ќе се вклучи и населението кое живее во непосредна близина, бидејќи реквизитите во дворното место на градинката ги користат и децата кои не се згрижени тука.
















