Откако Борусија и Баерн изборија пласман во финалето во Лигата на
шампиони, во четврток ќе бидат познати и финалистите во Лига Европа.

Челзи во Лондон, против Базел, ќе ја брани предноста од 2:1 со која се
стекна на првиот меч, додека Бенфика против Фенербахче ќе се обиде да ја
надополни негативата од 0:1.

Челзи на домашен терен ќе треба да ја потврди победата над Базел, екипа
која е најпријатното изненадување оваа сезона во европските купови.

Доколку екипата на Рафа Бенитез се пласира во финалето, тоа ќе биде
третото европско финале за Челзи во последните шест години. „Сините“ во
2008 година загубија во финалето во ЛШ од Манчестер Јунајтед, а лани ја
освоија титулата во ЛШ.

„Ме загрижува што сите веќе говорат за финалето. Базел ќе се обиде да
постигне гол, ќе игра слично како и на мечот со Тотенхем. Сигурен сум
дека ќе нападнат и тие имаат планови да играат во финалето“, рекол
Бенитез.

Неговиот колега Мурат Јакин најави дека Базел ќе се обиде да приреди сензација.

„Знаеме дека Челзи е квалитетен тим, кој е силен во сите сегменти на
фудбалската игра. Сепак и ние имаме свои квалитети, кои ги
демонстриравме против Тотенхем. Ќе бидеме храбри и борбени и ќе се
обидеме да направиме чудо“, рекол Јакин.

Бенфика, во Лисабон, ќе се обиде да ја надополни предноста на Фенербахче
од 0:1, но и да го поправи впечатокот од првиот натпревар, кога среќата
беше сојузник на португалскиот тим.

Во таборот на турскиот тим сметаат дека пласманот во полуфиналето е
голем успех, а евентуалниот пласман во финалето би бил вистинска
премија.

„Би било одлично за турскиот фудбал и за Фенербахче да се пласираме во
финалето. Ние и досега постигнавме голем успех“, изјавил напаѓачот на
Фенербахче Муса Со.

Натпреварите во Лондон и Лисабон ќе започнат во 21:05 часот.

“Макфакс“