Заеднички е ставот дека младите треба да бараат повеќе да бидат гласни и артикулирани во своите ставови, а во исто време државата да овозможи канали и процедури со кои ќе го вреднува младинскиот активизам и ќе овозможи учество на младите во одлучувањето.
Системот на студентско и средношколско организирање беше посочен како типичен пример на ставање рака врз младинските акции од страна на државата и партиите, а беше потенцирана и потребата од формирање на Национален младински парламент како највисоко претставничко тело на младите.
Претставниците на политичките партии и организациите беа едногласни во констатацијата дека Предлог-законот за младите не беше изработен транспарентно и не содржеше решенија кои се во интерес на младите и го поздравија неговото повлекување од собраниска процедура.
Активизмот и организирањето на локално ниво мора да продолжи и да се интензивира, за што се потребни директни активности во рамките на училиштата и факултетите. Образовниот систем не гради активни и креативни граѓани, за што е потребна итна реакција од страна на одговорните институции, беше заклучено на дебатата.