– Општинските инспекциски служби си ја вршат работата, пишуваат записници, поднесуваат пријави, но ние немаме никаков судски епилог. Каде заглавуваат тие случаи откако сообраќајниот инспектор ќе ја напише пријавата не ни е познато.-вели Димитар Василески од АД „Галеб“.
Ништо подобра не е состојбата во меѓуградскиот превоз велат од “Галеб”, од каде посочуваат дека дивите превозници секојдневно на очиглед на надлежните органи буквално ги крадат патниците од градската автобуска станица.
– Состојбата во меѓуградскиот превоз, особено во правец кон Битола и Прилеп е катастрофална. Секојдневно јавноста е сведок дека на улицата, наспроти автобуската станица има огромен број диви превозници кои не се кријат од никого и едноставно се добива впечаток дека се недопирливи.-додава Василески.
Од локалната самоуправа ја разбираат загриженоста на легалните автопревозници. Велат дека нивните инспектори постојано се на терен и секојдневно поднесуваат пријави, но прекршителите вешто го изигруваат законот и повторно се вклучуваат во сообраќајот.
–Проблемот со дивите превозници може да се реши само со подобрување на законската регулатива. Ние како општина правиме се што е во наша моќ, инспекторите за сообраќај постојано се на терен и си ја извршуваат добро својата работа, но и покрај мерките кои се преземаат истите нелегални превозници постојано се присутни. Затоа, законодавецот мора да изнајде решение за сузбивање на сите можности за изигрување и пробивање на законот.-изјави Зоран Шикалески од Секторот за сообраќај при општина Охрид.
Легалните автопревозници очекуваат државата во најкус рок да изврши измени во Законот за јавен превоз и да ги заштити, во спротивно тие стравуваат дека нема да можат уште долго да го издржат притисокот на нелојалната конкуренција.