Во текот на денот се очекува да завршат градежните зафати на дел од улицата Јане Сандански, информираат од ЈП Нискоградба, по реакциите на жителите дека подолг период улицата стои раскопана и во кал.

Од ова јавно претпријатие објаснуваат дека по барање на жителите, на делот од улицата во должина од околу 90 метри,  од страна на екипите на Нискоградба била извршена замена на цевките од водоводната и канализационата линија и дека од неодамна жителите добиваат вода преку новите цевки.


До застој во извршувањето на активностите дошло поради временските неприлики, објаснуваат од ова јавно претпријатие. Зафатите во текот на денот ќе завршат, но во првобитната состојба, односно да ја асфалтира, треба Оддлението за комунален развој и патишта, затоа што ние не располагаме со соодветна механизација за асфалтирање, велат од Нискоградба.

Од Одделението за комунален фонд и патишта се категорични- тој што го прави зафатот тој е и должен да ја врати улицата во првобитната состојба. – И ние не располагаме со механизаија за асфалтирање, но кога е потребно распишуваме тендер и на тој начин избираме фирма која нуди соодветни услови за асфалтирање, вели Зоран Шикалески, раководител на Одделнието за комунален развој и патишта.

OhridNews