Охриѓанецот Зоран Донев е уште еден доказ дека градот е расадник на млади и креативни таленти, за чии вештини и квалитети може многу да се говори.

Оние кои го посетиле култниот клуб „Џез-ин“ го познаваат како долгогодишен и искусен коктел-мајстор, спортистите како првиот Македонец кој учествувал на Светско првенство во теквондо, а од неоддамна јавноста го знае и како ново име на охридската стенд-ап сцена.

Во „Џез-ин“ сум од 2005 година кога започнав да работам најпрво како келнер, а потоа и како шанкер со полно работно време. На почетокот имавме само неколку коктели, но се одлучивме да го прошириме репертоарот со цел посетителите да имаат поголем избор. Дел од нив ги најдовме во книги со таква намена, додека други ги измисливме сами. Оттогаш до денес, менито нуди 20 различни коктели, кои треба да ги задоволат вкусовите и на најпребирливите.“ – вели охриѓанецот Зоран Донев.

Несекојдневни ситуации на работното место

Со оглед на тоа што „Џез-ин“ е свртилиште на многумина актери, музичари, режисери и познати личности од различни генерации, Донев објаснува дека работното место зад „шанкот“ е прилично интересно и исполнето со несекојдневни ситуации.

Доколку се работи за обична „коктелизација“, тогаш се е најнормално. Имаме повеќе пијачки и спремни сме со „нерви“ да ги издржиме поднапиените посетители. Кога станува збор за музичките концерти или перфоманси на кабаре шоуто на Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски, припремите започнуваат многу порано. Во клубот доаѓаат посетители од сите возрасти, а сите овие години сме имале различни ситуации. Некои смешни, некои не, но секогаш сме се погрижиле се да заврши во најдобар ред.“ – објаснува Донев.

Златни одличја од турнирите во теквондо

Дел од спортската јавност, нашиот соговорник го памети како првиот Македонец кој учествувал на Светско првенство во Теквондо, но и како учесник на многубројни меѓународни турнири, од кои се враќал со златни одличја.

Живеам во Лескоец и тамошниот теквондо клуб функционира од 1992-ра година. Сме растеле со него и секој во еден период од својот живот бил дел од истиот. Тренирав до 15 години, а потоа клубот згасна од финансиски причини. Кога повторно се реформира имав 22,  а оваа боречка вештина ја сфатив како дел од мојот живот. Стигнав до црн појас, учествував на Светско првенство, за кое можам да кажам дека сум прв Македонец кој бил дел од една таква меѓународна манифестација.“ – вели нашиот соговорник.

Освен приватниот сектор, без подршка од институциите

Најголемата подршка за младите теквондисти доаѓа од приватниот сектор, потенцира Донев. Тој вели дека засега државата нема пружено никаква помош, бидејќи официјално се уште не е оформена ИТФ Федерацијата.

Тренираме три пати неделно по час и половина и можам да кажам дека младите се доста ентузијасти, на мое лично задоволство. Следен натпревар имаме во Охрид, но тоа ќе биде Меморијален турнир во кик-бокс, а ние како клуб ќе учествуваме во „лајт-контакт“. Доколку се соберат финансиски средства, во ноември ќе заминеме на такмичење во Благоевград, Бугарија, кај најтрофејниот клуб од регионот. Се надеваме дека луѓето од градот ќе ни излезат во пресрет за да можеме да го афирмираме Охрид на еден таков голем натпревар од меѓународен карактер.“  – потенцира Донев.

Нова надеж на охридската стенд-ап сцена

По победата на натпреварот „Отворен микрофон“, охридската јавност имаше можност да го запознае Донев и како нова надеж на македонската стенд-ап сцена.

Уште од пооддамна сум љубител на стенд-апот и кога нашиот најдобар машки стенд-комичар Никола Тодороски ми кажа дека планира да го направи настанот „Отворен микрофон“, сакав да се испробам, да видам како луѓето ќе го прифатат мојот хумор. Испадна супер, баш онака како што замислував. Настанот беше на домашен терен, во „Џез-ин“, а клубот беше полн со луѓе кои се редовни посетители и кои ме познаваат. На крајот, добив позитивен „фидбек“ за настапот.“ – вели Донев.

„Шанкот“ неисцрпна инспирација за хумор

Инспирацијата за својот хумор, Донев ја црпи од секојдневието, но и од различните ситуации кои ги доживеал на работното место во „Џез-ин“.

Конкретно се работи за моето деветгодишно искуство во Џез-ин. Како едно резиме, со каква клиентела сум се сретнал на работното место. Почнувајќи од оние луѓе кои влегуваат во шанкот како вработени, па се до оние кои зборуваат гласно во текот на ноќта. Настапот на „Делирум“ во Центарот за култура беше нешто неверојатно. Се уште не сум свесен како издржав на таа голема сцена. Тие 10 минути ми поминаа како во магла. Но почувствував позитивна реакција од публиката. После првото смеење, се е полесно и самиот материјал доаѓа од себе.“ – завршува Донев.

O.T.