
Не сум од оние кои велат дека не ве читаат, а најредовно ѕиркаат што и како пишувате на странците на Првиот охридски електронски весник. Напротив признавам, професионално ве следам и се воодушевувам од вашиот елан, енергија и обидот да останете настрана од притисоците на политичарите и на некои други кои мислат дека го можат тоа. Ќе ми признаете никаде во светот нема докрај независно новинарство, па и кај нас ама вие сте од оние ретките во Охрид и во Македонија кои се обидуваат да избегаат од шаблоните. Вашите вести ја имаат судбината на пеперутката – живеат само еден ден . Сепак оставаат трага. А вие како и ние во радиото за кое важи премисата дека е „буре без дно“, таман сте напишале една вест се борите да дојде следната , понова и уште поактуелна. На вистински пат сте- продолжете“. Ова е честитката од нашиот колега, Милчо Јованоски, управител на радио Охрид, по повод роденденот на „Охридњуз“.

„Охридњуз“ е еден од најдобрите проекти во сферата на информирањето што ни се случи во последниве две години и на охриѓани им овозможи навремени, точни и објективни информации во текот на 24 часа“.
Нина Кепеска од приватната национална телевизија А1 ни посакува среќен и бериќетен роденден:„Охридњуз“ и неговата екипа во своите две години од постоењето докажаа дека се буден и најдоследен проследувач на сите локални настани, теми и приказни што го бележат живеењето на Охрид, Струга и овие простори.

Првиот електронски весник во регионов израсна во неодминливо секојдневно четиво за охриѓани каде и да се во светот, кои се навикнаа на неговата ажурност, објективност, коректност и занимливост во информирањето. На „Охридњуз“ од срце му посакувам долговечност, на неговите творци и соработници многу творечка енергија, истрајност и доследност, а на Охрид уште вакви позитивни примери што ќе бидат гордост во неговиот медиумски простор“, вели колешката Кепеска.

Во мигови кога многумина се обезличија во дневната потрага по профит, „Охридњуз“застана цврсто и истрајува во одбрана на објективноста“, кажува Александар Бачиќ од Македонската информативна агенција-МИА.
Како Симон Илиевски од „Утрински весник“ го оценува нашето работење?

Росица Голабоска која ги регистрира настаните во Охрид на Алфа Телевизија во нејзината честитка пишува:
„Да се биде најдобар, значи да се сака, да се може и да се умее. Во изминативе 2 години покажавте дека умеете и затоа успеавте. Успехот не е случаен, секој успех е триумф на упорноста. 
“Охридњуз” дојде како еден предвесник на новите модерни текови во информирањето кои ги донесе брзиот технолошки развој во информатичката сфера. Од самиот почеток овој портал успеа да го заземе местото во јавното информирање во Охрид и пошироко и денес слободно можам да кажам дека “Охридњуз” е портал кој успева да го диктира јавното информирање пред се во делот на дневните случувања каде е доминантен”, оценува Љупчо Танески, ОХ-1 продукција и сопственик на “Мегастар медиа груп”.


„ Ви честитам за Повелбата. Добро е да има повеќе интернет портали. Конкуренцијата си го прави своето , но најуспешните секогаш ќе бидат на врвот, а неамбициозните медиуми со тек на време ќе видат дека не им е местото во етерот“, вели сопственикот на Независна телевизија, Зоран Стефановски.












