Највисоката годишна закупнина на плажите кои вчера беа дадени под концесија по пат на јавно надавање, според јавно објавените информации, изнесува нешто повеќе од 636.480 денари, а најниската 46.620 денари.

Како што веќе информиравме, само пет од вкупно понудените 15 плажи на охридското крајбрежје добија концесионери на вчерашното електронско јавно надавање, што го спроведе Министерството за транспорт и врски. Под краткорочен закуп се издадени плажите: „Куба Либре“, „Кадмо’’ и „Бела Виста“ во реонот на Билјанини извори, како и „Канео – Извори“ и „Потпеш“ во населбата Канео. Сите тие добија старо нови сопственици.

Покрај закупнината, концесионерите се должни да обезбедат и банкарска гаранција во висина од еден милион денари која ќе биде активна до истекот на договорите во 2017 година.

За останатите 10 плажи кои не се дадени под закуп, денес ќе биде распишан нов јавен повик.

Дел од концесионерите кои до сега стопанисуваа со плажите на Охридското крајбрежје, од потегот на Горица до Пештани, како и што најавија, не учествуваа на јавното надавање, незадоволни од понудените услови. Тие бараат да им се продолжат договорите за закуп, затоа што со досегашното стопанисување не успеле да ги повратат парите кои ги вложиле за уредување на плажите. Тие се пожалија на зголемената квадратура на плажите и поскапите цени на закупнина, а бараната банкарска гаранција од еден милион денари, според нив, претставува дополнителен товар кој тие не можат да го издржат.