Стотина деца ги брануваат водите на реконструираните базени на спортскиот центар „Атина Бојаџи“ во Охрид, а нивниот број секојдневно се зголемува.


Големиот интерес на родителите кои побрзаа да ги запишат своите деца во Летната пливачка школа само ја потврдува потребата од изградба на спортска инфраструктура во градот, во кој од објективни и субјективни причини долги години нема пливање. Иронично ако се знае дека од тука потекнуваат легендарни пливачки имиња како Атина и Дики Бојаџи, Нико Нестор, Климе Савин, Александар Маленко….

Со модернизацијата на отворените базени градот на маратонското пливање се чини го доби неопходниот импулс, но за тоа да биде преточено во вистинска позитивна енергија не смее да се застане тука. Треба да се исполнат дадените ветувања и да се изгради затворен базен, бидејќи без континуитет во работата со пливачите резултати не можат да се очекуваат. А властите ветија не е еден, туку два, еден општината, еден државата.


Новата генерација пливачи кои со голем елан ја посетуваат Летната школа и плејадата тренерски и пливачки имиња кои се подготвени одново да го вложат сиот свој ентузијазам очекуваат ветеното и да се оствари, затоа што за забележителни спортски успеси потребни се соодветни услови за работа. Се освен тоа е импровизација која не носи резултати, напротив само нови разочарувања.

Г. Момироски