Честото поскапување на електричната енергија, ги принуди охриѓани да ги вратат печките на дрва за греење. Но греењето на дрва честопати знае да претставува опасност, доколку граѓаните не се запознаени со одржувањето на оџаците. Токму во изминативе години, сведоци сме на се повеќе интервенции на противпожарната служба, од кои повеќето се поврзани со запален оџак.

Неправилното и неродовно чистење на оџаците можат да ја загрозат безбедноста на луѓето.  Неисправен оџак може да предизвика  несреќа, пожар, зголемена мисија на штетни гасови од дозволените, како и поголема потрошена енергија од потребната. Со цел превентивно делување и спречување на потенцијални пожари, Дирекцијата за заштита и спасување во соработка со Територијалната противпожарна единица – Охрид, апелира до граѓаните за редовно одржување на оџаците и огништата-котли за парно греење.

„Огништата-котли за парно греење како и оџаците и димоводните уреди во јавните објекти, треба да се чистат еднаш месечно во грејна сезона. Парособирачите и аспираторите кои се потенцијални предизвикувачи на пожари, треба да се одржуваат еднаш месечно, додека во текот на годината треба да се изврши надзор и на вентилационите канали“ -информираат од Дирекцијата за заштита и спасување.

Граѓаните сметаат дека чистењето на оџаците е задолжително за сите, без разлика дали се работи за станбен објект или куќа. „Доколку оџаците во станбените згради не се чистат редовно, а станарите ги користат, постои опасност од големи размери. Опасност не демне само на еден стан, туку може да ги загрози и соседните објекти, па резултатот да биде катастрофален. Пред некоја година, токму во нашата зграда имавме ваков проблем. Низ ѕидот каде што поминува оџакот, излегуваше чад. После тоа дојдоа пожарникарите“ – вели граѓанин од една станбена зграда на улицата „Галичица“.


Други сметаат дека цената на услугите кои ги нудат приватните оџачари е ниска, во споредба со цената на животот. „Доаѓа оџачар еднаш годишно, и тоа во летниот период. Чистењето трае нешто помалку од еден час, а цената е прилично ниска. Во оџаците има доста саѓи, кои ако не се исчистат навреме, се лепат за внатрешните ѕидови од  оџакот и можат да предизвикаат пожар“ – смета жител на индивидуална куќа во населбата „Влашка мала“.

Инаку, според прописите за вршење на оџачарската дејност, оџаците во индивидуалните домаќинства треба да се чистат двапати годишно, а во деловните и во јавните објекти секој месец во грејната сезона.

О.Т