Километарски колони, долг застој, нервозни возачи. Ова беше сликата доцна попладнево на магистралниот пат Охрид – Кичево, пред селото Ботун каде веќе подолг период во тек е санација на свлечиште. Поради тоа сообраќајот на овој дел од патот се одвива неизменично по една лента и се регулира со семафор.
Фотографиите кои ни ги испратија туристи кои заглавиле во долгите колони попладнево на пат за дома од Охрид, најдобро го илустрираат проблемот кој е најизразен во викендите. Tие не информираа дека чекале еден час во колона пред да го поминат Ботун.
Активностите за санација на свлечиштето кај село Ботун, на магистралниот пат А2 од Кичево до Охрид ќе траат цело лето. И покрај екот на туристичката сезона и поголемата фрекфенција на возила на овој патен правец, сообраќајот ќе продолжи да се одвива забавено, по една коловозна лента и со регулација на семафор.
Освен на овој дел од патот сообраќајот се одвива забавено и на превојот Пресека кај паркингот „Чешма“ каде што исто така се врши санација на свлечиште и е поставен семафор за регулирање на сообраќајот.
OhridNews