Најавата за почеток на тредиционално и спектакуларно отварање на новата туристичка сезона, во мене побуди големо задоволство што таа манифестација, ќе се одвива на Билјанини извори со песната Билјана платно белеше. Се почувствував неизмерно горда, затоа што пред некоја година јавно проговорив за запоставеноста на овој локалитет и непридавање значење на песната која заслужува да биде химна на градот.
Не пропуштив да ја проследам манифестацијата. Ме воодушеви што оваа значајна манифестација за Охрид се одвива на ова место. Како за почеток манифестацијата беше добро организирана. Со приказните за Билјана само се начна мистиката и значењето на овој локалитет. Но не слушнав ништо за реалните збиднувања во минатото кои му даваат белег на свето место. Иако во поранешните колумни “БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ“ и “ГИ НЕГУВАМЕ ЛИ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ“ имам пишувано за тоа, сепак нешто ќе повторам.
Содржината на песната зборува за времето кога браковите на младите им ги договарале родителите. „Билјана го посакала момчето што го тера карванот, а и тој неа ја гледал под око, ама него веќе го имале свршено.“ Девојката овде доаѓала и белејќи го платното се молела родителот да ја сврши за тој што таа го сака. Младите брачни двојки тука доаѓале и оставајќи паричка пиеле од студената вода и се молеле за среќа во бракот. Доаѓале дури и од соседните земји. Првата прошетка свршениците ја правеле до Билјанините извори. Тука се случувале првите срамежливи погледи, првите прегратки, тука се изговарале првите изјави на љубов, или се голтала горчилата од тагата за неостварената љубов доколку родителите го договориле бракот со некој што не е во нивното срце. Да бидеме реални. За генерациите зад нас, Градиште и другите атрактивни места (денес) немале некое значење, на езерото се гледало поинаку, на Самоиловите тврдини гледале само како остатоци од камења, а додека Билјанините извори им значеле многу.

Според ДУП на поголем простор од овој локалитет предвидени се високи градби: хотели и стамбени објекти. Тоа би било вистинска катастрофа за градот. Овој простор треба да биде исполнет со фонтани, базени, водни канали, егзотични и декоративни дрвца, уредени тревни и цветни површини, мини зоолошка градина, игралишта и слични содржини.









