
Новата Година пак е поврзана некако со нашите почетоци пред триста шеесет и нешто денови кога не знаевме дали сто пати прочитана вест е добра бројка или треба повеќе. Тогаш за Новата 2007 си посакавме да „ја отвораат нашата страница што повеќе“. Барем до 300 пати по вест. Дневно. А? Не е лошо?! Како минуваше времето вестите нпр. за трагичната смрт на Тоше, кражбата во Фото Рекс или „каубојското“ мартовско пукање меѓу гангстерчиња во Охрид (за жал bad news are good news) достигнуваа повеќеилјадни посети од читатели и пак не знаевме дали е тоа „плафон“ или може повеќе? Се разбира дека може повеќе.
Немаше само лоши вести во годинава што минува. Пишувавме за млади пијанисти од Охрид кои освојуваа интернационални награди, градот Охрид во Јапонија доби награда за „светски хуманизам“, а во октомври го потврди тоа како домаќин на Светската конференција за мир.
Баш како што рекол Његош –„чаша мед, чаша пелин, помешани полесно се пијат.“ Добрите и лошите вести одеа заедно. Пофалбите и критиките од читатели – исто така. Додуша не сме такви типови да „свршуваме“ на пофалби, а да се депресираме од критики. Го сакаме Охрид и пишуваме и фотографираме се` и за се` што мислиме дека е интересно. А не сме локал-патриоти. Им благодариме и на оние кои не` читаат во Австралија, САД, Западна Европа… Преку нас Охрид го „гледа“ светот – и обратно. Нескромно.
Лани едвај чекав да „дојде“ 2007, годинава едвај чекам дотичната да замине. Зашто знам дека 2008 е „наша“. Впрочем сите така си мислат за „своите“ нови години, нели?!
А, да. Каде за Нова Година? Каде и да одите, убаво да си поминете. Пијте умерено, немојте да се преждерувате и не давете се во цигари. Среќни празници. Се читаме и во 2008-ма.
Спаско Костоски









