Една типична и скоро стереотипна информација за отварање на изложбата “…на уметнички дела на зависници од дрога… и нивните семејства…” во центарот за култура “Григор Прличев” некако срамежливо и малограѓански квазиморално на површина го исфрли она што навистина стана фенеомен на нашето време а воедно и симптом на една занимлива духовна и социјална состојба. Бидејки сметам дека ваквите настани се од исклучително социо-културно значење, исклучително важно е да им се оддаде признание на организаторите на ваквите манифестации и на медиумите кои со внимание се осврнаа на настанот. Проблемот со наркоманијата може да се анализира од неколку различни нивоа, меѓутоа барем две од нив заслужуваат посебно внимание: масовно-психолошкиот и социо-политичкиот контекст.

На масовно-психолошко ниво, користењето на наркотички средства ги содржи сите елементи на класичен балкански, малограѓански мит: Дрога, куга на современиот свет, ја користат младите помеѓу 14 и 25 години, ја земаат заради љубопитност, досада, желба за авантура и тие се БОЛЕСНИ! Тие се робови на ЗАВИСНОСТА и замислете денес кога “…луѓето се слободни за разлика од средниот век кога биле робови…”.

Ако сметате дека е потребен посебен психички напор за да се разбере горенаведеното во контекст на социо-психолошката структура на нашето малограѓанско секојдневие, тогаш сте во право. Појавата на вакви “генијални”  малограѓански генерализации и пуритански квалификации е сосема функционална во една социо-психолошка структура на вековно градени “сељачки” митови во кои што е сосема нормално и прифатливо вашето дете да се “поднапие”, вашиот сопруг во семејна атмосвера (пред вашите деца) да се испофали дека  испил неколку литри вино или друг вид на алкохол и после тоа да ве испокрши од ќотек а пријателските седенки и алкохолни оргии се предмет на секојдневно прераскажување во духот на сопствената “Митска слава”, меѓутоа е апсолутно неприфатливо дури и во клубот на пријатели на маса, да го изустите зборот ЏОИНТ.
 За разлика од ваквата преќутно и интуитивно пренесена социо-психолошка митска структура на “социјално дозволени” пороци чии што јунаци претставуваат дел од нашите локални митски преданија, корисниците на дроги во нашето малограѓанско секојдневие имаат јуначка шанса само и единствено како покојници, жртви или прогонети, надвор од законот или социјалната околина. Во традицијата на нашата “…како што е оваа чаша полна со вино…” култура, митот  за домаќинот-херојот-губитник по ништо не е оригинален. Оригинални се само социјалните околности во кои тој мит и денес опстојува и уште се  развива. Во средина на првата декада на дваесет и првиот век, во време кога развиеното глобално општество се повеќе станува комуникациско-информатичка цивилизација, нашата социо-психолошка средина е опседната од митските категории на прединдустриското време.

Сакале да признаеме или не, новонастанатата социјално-културна основа на  комуникациско-информатичка цивилизација на митот  за домаќинот-херојот-губитник потопен во “…материите кои содржат алкохол, а кои предизвикуваат одредени ефекти на задоволство, заборав и величина…” (една од многуте еуфемистички дефиниции за алкохолот како општествено прифатлив стимуланс), му ја спротивставува идејата за “дрогите како внатрешни технологии, *мека или *влажна технологија, која го преобликува мозокот” (Др. Седи Плент). Ваквата идеја воопшто не е далеку од дефиницијата која што ја дава Американската управа за храна и лекови (ФДА), не само за незаконските наркотици, туку и за наркотиците во разните видови на лекови, како: “Супстанции кои делуваат на структурата и на функцијата на човечкиот организам”

Демистифицираниот поглед и пристап кон денешните пост-рејв и интернет генерации мора да биде ослободен од некритични, трендовски, и малограѓански а-приори осуди на децата чии што татковци и нивните врсници сеуште не ја совладале ниту абецедата на индустриската цивилизација а се втурнале во транзициско натрупување на информатичко-информациска опрема и технологија, скапи автомобили и евтини љубовници, што само по себе подеднакво сведочи за нивната вткаеност во кафанскиот аспект на митот  за домаќинот-херојот-губитник, како и за неговата социјалната паника.

    Сегашниот Социо-политички контекст го карактеризира разочараност од неуспехот на најавуваните големи походи на иднината (информатичко општество, компјутери…), од една страна и континуираното повикување на минатото – (традицијата), од друга страна. И едното и другото се чини дека имаат подеднакво ирационална мотивација:
    Големите најави и очекувања беа само напор да се побегне од кризната сегашност, при што уште еднаш сакавме да си докажеме себеси нешто во што вистински не веруваме а тоа е дека сеуште држиме чекор со останатиот свет. Минатото или традицијата пак од друга страна, предолго и премногу беше негирано за денес да можеме сталожено и без страсти да му се вратиме или да го преиспитуваме со сите негови вредности или мани.

    Ваквиот социо-политички простор претставува вистински добра почва повторно за нови носители на митски улоги на реформатори, гласници, рецептолози, кај кои што согласно митското наследство, доминира емотивното над рационалното, нивниот говор е нетолерантен, нарцисоиден и авторитарен. Тие ги согледуваат само добрите страни на своите теориски рецептолошки проекти . Не прашуваат за цена и за негативни последици. Забораваат дека нашата криза не е акутна и краткотрајна болест туку е хронична и ДЕГЕНЕРАТИВНА.
Затоа осознавањето на суштината на дрогите и анализата на нејзината употреба кај генерациите кои растат во ваквиот масовно-психолошки и социо-политички контекст не е интересно само во однос на самите недозволени дроги (бидејки постојат и дозволени), туку тоа треба да ни даде корисен дијаграм за состојбите на нашата свест, митолошката структура и митолошките преданија.

Горан Мицкоски
авторот е публицист