Новиот верски конзервативизам, може да се насети во сите области на делување на Црквите и тоа не само во поедини земји туку во целата западна цивилизација. Се настојува влијанието на поедини црковни поглавари да се инсталира во сите општествени текови па и во политиката, што само по себе не е ништо ново, меѓутоа е индикативно во смисла на општествените предизвици поставени пред современите процеси на глобализацијата. Носители на верскиот неоконзервативизам се пред се црковните конзервативни групи, интересни групи, политички партии, неформални организации при што се кристализира мислењето дека дури и такви цивилизациски процеси како што е проширувањето на Европската Унија, усвојувањето на Европскиот устав и др. пред се се заглавени во лавиринтите на европскиот неоконзервативизам.

Оттука и не не чуди што – како што пишува Славој Жижек во својот есеј “Бранители на верата” – “Денеска, кога религијата се повеќе станува инспирација за убиства и насилство ширум светот, убедувањата дека христијанските, муслиманските или хиндуистичките фундаменталисти само ги злоупотребуваат или первертираат племенитите духовни пораки на своите вери, звучат се повеќе испразно…”
 
Како реакција на овој нов верски конзервативизам, во првата декада на дваесет и првиот век во потрага по задоволување на своите духовни потреби, луѓето се повеќе се свртуваат кон прифаќање и практикување на паганските фестивали и паганските обичаи како дел од културното наследство. Проблемот на недостаток на смисла – смисла во егзистенцијалистички поглед, претставува проблем на модерното општество. Тој не произлегува од губењето на вербата во Бог, туку од губитокот на себе во однос на институционализираната форма на верувањето (религија – црква). Токму во таа насока треба да се бара симболичката вредност на паганскиот ритуал кој што на традиционалниот дуализам на свето и профано му додава трет елемент – принципот на задоволство.

Самиот чин на учество во ваквите обичаи и фестивали не се врши погледнувајки спрема Бог, со цел да се заслужи Божјата милост, туку самиот чин на учество по дефиниција претставува САМ ЗА СЕБЕ НАГРАДА за учесникот. Паганските обреди и прослави биле организирани во функција на повикување на боговите да им послужат на духовните цели на граѓаните, т.е. човекот. Односот на паганинот е да се живее меѓу боговите а не да се живее со Бог или за Бог. Паганинот во неговиот однос кон боговите се чувствува слободен и само привремено поврзан и не е зафатен или заробен од Бог. Во паганската свест најголема важност немаат боговите туку самиот чин на креација, создавање и учество во митолошката димензија на обредот или прославувањето. Споделувањето на заедничката судбина и праисконските психолошки пориви за превземање на “створањето и обновувањето  на светот” е нитката која ги поврзува учесниците во ритуалот и воопшто сите суштества. Изведувајки го ритуалот, животот не се доживува онаков каков што е, туку онаков каков што се претвораме дека е. Низ ритуалот се изведува навраќање, односно вечно враќање на ОНА ИСТОТО, со чија помош воспоставуваме чувство на идентитет и припадност.

Овие две постапки го трансформираат просторот на ритуалот (сеедно дали е тоа сред село, плоштад или приватен дом…), во визуелен простор на спектаклот  и простор на акција и интеракција со што тој станува простор на задоволство. Задоволство во смисла на задоволство од САМОТО СОПСТВЕНО ПОСТОЕЊЕ И АКТИВНАТА ПОВРЗАНОСТ СО ДРУГИТЕ (сето она што е надвор од мене: другиот човек, битие, маска, суштество, природа…). Одтука и големата привлечност на манифестациите кои се организираат по различни поводи – маскенбали, карневали, процесии и др.
 
Каква е реакцијата на верските поготово црковните авторитети на ваквите феномени??
Во основа тие не се разликуваат многу од компромисите кои уште пред 1700 години ги направил Царот Константин, наметнувајки го Христијанството како официјална вера во римската империја. Многубројните пагански обичаи и навиките кај лугето истите да ги прославуваат, интегрирани се во концептите на христијанските религии како форми на празнување на христијански верски празници или обреди а оние манифестации кои останале надвор од номиналниот христијански концепт – ја носат квалификацијата на залудни човекови традиции и напори за зачувување на сопствените преданија, преку кои се укинува Божјата заповед – па одтука и не ја уживаат поддршката на Црквите и верските Отци.

Горан Мицкоски
авторот е публицист