
Како и да е, поминаа тие 18 години. Чаушеску е мртов (го застрелаа). Времето тече, времето се менува. Некои од курвите, крадците, бездомниците, циганите…останаа живи, а многу од нив починаа. Останаа 23 милиони жители. Уште пред да дојдам во Романија да студирам, ми кажуваа приказни. Ми кажуваа дека ние, кои живеевме во Југославија, сме биле за 100 години понапред од нив, за тоа како во Романија можеш за една кутија цигари, да легнеш некоја многу добра девојка. Или пак со 50 марки (на времето) да го купиш цел трговски. Кога ги слушав тие приказни, Романија ми изгледаше како земја на сите можности. Па си реков, какви бакрачи, каква Америка. Ваму му е мајката. Е така. Дојде денот за и јас да дојдам во Романија.
Поминаа 4 години од моето прво доаѓање. Сум поминал низ многу работи, без разлика дали тие биле со моја волја или не. Имам искуство кое не би го заменил за ништо, но сепак би сакал да го раскажам. Романија денес е држава во Европската Унија. Многу странски фондови, многу перење на пари. Курвите, пијаниците, бездомниците се растрчаа низ Европа, па си продолжија по истиот пат. Еве, некој од нив станаа и убијци…
Има секакви ама една од најчудните работи што ми се случиле во последно време е за време кога се подготвував да го снимам мојот последен филм. Темата е за еден млад дечко од Ромска националност кој си го бара својот биолошки татко. Неговата мајка е луда (шизофреничар) Пробала дури 2 пати да го убие…дечкото крај со крај извлекол и успеал некако денес да се запише на факултет. Заедно тргнавме да го бараме неговиот татко. Ама пред да почнам да го снимам овој документарен филм, сакав подобро да ја запознам ситуацијата на напуштените деца во Романија. Бев во неколку домови за сираци со цел за да дознаам заради кои причини се напуштени децата и оставени на грижа од државата. Дознав за некои работи од кои ми се гадеше и ми стануваше лошо. Работи за кои досега не сум ни помислил. Уште не можам да разберам како можеш да си оставиш свое дете на улица? Не поминале неколку денови од породувањето и тие деца се оставени на милост и немилост.
За актуелниот случај кај нас со бебето Бошко кое се роди со некои аномалии на грбот и малиот мозок. До некаде ги разбирам неговите родители. Заради нивниот комплекс на совршено, нивните гревови, им се роди дете кое е како казна за досега стореното. Ама како да ги разберам овие родители кои воопшто не доаѓаат да си го видат своето чедо !?

Дојде денот кога почнав со снимање на мојот филм. Ја прошетав цела Романија за да го најдам таткото на младото Ромче. Заедно стигнавме во едно село, во кое ни кажаа дека живее неговиот татко. Полни со емоции, ја најдовме улицата каде што живее неговиот татко. Тропнавме на врата во куќата каде што живее тој и на големо изненадување, на вратата се појави неговиот чичко (братот на неговиот татко). Не прими во неговата куќа и на кратко ни ја раскажа историјата на неговиот татко. Младото Ромче кое се вика Драгош, откако разбра кој е неговиот татко, се направи пишман што воопшто тргна да го бара својот татко. Разбра дека тој правел деца каде што ќе стигнел и тие ги напуштал. Драгош разбра дека има тројца браќа и уште 2 сестри.
Е така, полни сме со гревови! Ни останува да се молиме и да бараме покајание за еден ден, казната да ни биде помала!
Илија Пиперкоски
авторот е режисер









