Понекогаш, кога за прв пат ќе се запознам со некого и кога тој ќе ме праша што правам во мојот живот, му кажувам дека во овој момент, сум студент на Филмска Академија во Букурешт, Романија. Неговата прва помисла за Романија, е сликата, која ја знае од пред 18 години, кога Романија беше под диктатура од Чаушеску. Слика во која гледаш земја на курви, крадци, бездомници, цигани, гладни луѓе…СИРОМАШТИЈА. Тој човек или тие луѓе, таа слика ја направиле врз основа на нивното искуство затоа што биле во Романија или пак слушнале приказни од некои луѓе кои веќе биле во Романија. Понекогаш, тие приказни не биле добро разбрани или добро слушнати, па нивната форма се менувала, во зависност на расположението и околностите на тој што ги раскажувал.

Како и да е, поминаа тие 18 години. Чаушеску е мртов (го застрелаа). Времето тече, времето се менува. Некои од курвите, крадците, бездомниците, циганите…останаа живи, а многу од нив починаа. Останаа 23 милиони жители. Уште пред да дојдам во Романија да студирам, ми кажуваа приказни. Ми кажуваа дека ние, кои живеевме во Југославија, сме биле за 100 години понапред од нив, за тоа како во Романија можеш за една кутија цигари, да легнеш некоја многу добра девојка. Или пак со 50 марки (на времето) да го купиш цел трговски. Кога ги слушав тие приказни, Романија ми изгледаше како земја на сите можности. Па си реков, какви бакрачи, каква Америка. Ваму му е мајката. Е така. Дојде денот за и јас да дојдам во Романија.

Поминаа 4 години од моето прво доаѓање. Сум поминал низ многу работи, без разлика дали тие биле со моја волја или не. Имам искуство кое не би го заменил за ништо, но сепак би сакал да го раскажам. Романија денес е држава во Европската Унија. Многу странски фондови, многу перење на пари. Курвите, пијаниците, бездомниците се растрчаа низ Европа, па си продолжија по истиот пат. Еве, некој од нив станаа и убијци…
 
Има секакви ама една од најчудните работи што ми се случиле во последно време е за време кога се подготвував да го снимам мојот последен филм. Темата е за еден млад дечко од Ромска националност кој си го бара својот биолошки татко. Неговата мајка е луда (шизофреничар) Пробала дури 2 пати да го убие…дечкото крај со крај извлекол и успеал некако денес да се запише на факултет. Заедно тргнавме да го бараме неговиот татко. Ама пред да почнам да го снимам овој документарен филм, сакав подобро да ја запознам ситуацијата на напуштените деца во Романија. Бев во неколку домови за сираци со цел за да дознаам заради кои причини се напуштени децата и оставени на грижа од државата. Дознав за некои работи од кои ми се гадеше и ми стануваше лошо. Работи за кои досега не сум ни помислил. Уште не можам да разберам како можеш да си оставиш свое дете на улица? Не поминале неколку денови од породувањето и тие деца се оставени на милост и немилост.

За актуелниот случај кај нас со бебето Бошко кое се роди со некои аномалии на грбот и малиот мозок. До некаде ги разбирам неговите родители. Заради нивниот комплекс на совршено, нивните гревови, им се роди дете кое е како казна за досега стореното. Ама како да ги разберам овие родители кои воопшто не доаѓаат да си го видат своето чедо !?

Се сретнав со еден човек кој ми раскажуваше како било кога неговата сопруга се породуваше. Откако неговото дете му се родило, медицинските сестри го ставиле во некоја соба во која имало уште 50 бебиња. На секое креветче од бебињата имало датум кога се родени. Некои биле таму веќе 2-3 месеци. Човекот зачудено ја прашал на медицинската сестра, зошто толку многу бебињата се задржани на болница, од што биле болни? А болничарката на ова му одговори, дека децата не се болни туку се напуштени од своите родители.  Замислете 50 деца !!! Некои од нив, биле давани на посвојување, други во домови, а останатите биле продавани. Има еден куп богати луѓе на кои им требат здрав и нов бубрег. Ново срце…Замислете каква судбина имаат овие деца!? Не би сакал да зборувам за нивните родители што мислеле во моментот кога ги оставиле своите деца.

Дојде денот кога почнав со снимање на мојот филм. Ја прошетав цела Романија за да го најдам таткото на младото Ромче. Заедно стигнавме во едно село, во кое ни кажаа дека живее неговиот татко. Полни со емоции, ја најдовме  улицата каде што живее неговиот татко. Тропнавме на врата во куќата каде што живее тој и на големо изненадување, на вратата се појави неговиот чичко (братот на неговиот татко). Не прими во неговата куќа и на кратко ни ја раскажа историјата на неговиот татко. Младото Ромче кое се вика Драгош, откако разбра кој е неговиот татко, се направи пишман што воопшто тргна да го бара својот татко. Разбра дека тој правел деца каде што ќе стигнел и тие ги напуштал. Драгош разбра дека има тројца браќа и уште 2 сестри.

Е така, полни сме со гревови! Ни останува да се молиме и да бараме покајание за еден ден, казната да ни биде помала!

Илија Пиперкоски
авторот е режисер