Си седам пред некој ден со пријателчиња во едно од кафулињата на Плоштад. Убаво време, смешни муабети, добро е. Помина времето, го викаме келнерот да платиме. „Три кафиња – 150 денари“ вели отсечно. – А бе, другарче пред некој ден беше 30?! – Еее, беше! Сеа е пеесет. И`ет лето! –  голта согласки и ни ги празни џеповите.

Е, вакви  „итроштини“ отсекогаш ме ваделе од кожа. Демек, сега му е мајката. Летово идат, ќе „бучит“ од работа, па ќе креваме цени до небеса. Преку илјада читатели на весников на анкетно прашање се изјаснија дека кафето в чаршија е прескапо. Ако веќе не се увериле, да ги предупредам: во многу кафулиња и ресторани веќе е 50 денари. ИДАТ ЛЕТО АМИ КАКО.

Знам и некои снобчиња, одма ќе реагираат: „Ама езерово шо го гледет гостиве…погледот, па Охрид посебно место…свето…“ Ако ви ја „светнам“ една ќе видите! Ако тргнете од пристаниште кон Св. Софија, прво „езеро“ што ќе го видите е на Сараиште. Дотаму има момировско-аквариуско-флороскопско-далговидно-кадмовско-ликвиден ѕид кој спречува секаква прошетка „со поглед“ кон езеро. Кој им дал право така да го узурпираат просторот на светиот град? Некој.

Да се „вратиме“ на плоштад. Пак некои апологети на „елитизмот“ изјавуваат во стил „ова бил најскапиот простор по квадратен метар во Македонија, па и цените морале да бидат во склад – елитни.“ Како да не!!! Елитно е да имаш јахта од 25 метри и хеликоптер, а кафе треба да си го испиеш со пријатели или сам. И да ти останат од стоте денари дневно шо ги имаш во џебот и за цигари и мастики. А такви се 99% од „елитистите“ во паланкава – со по 100 денари в џеб. Додека има такви и кафеанџииве ќе набиваат цени, јасно.

На еден филџан кафе (еспресо) производна цена му е околу 7 – 8 денари (отприлика). Значи ако го продаваат за 40 или 50, тоа е мегаломански ќар. Да не влегува во цената и „врсната“ услуга? Или персоналот им е со познавање 3 странски јазици? Не знаат да се насмеат!

Никола, мојот пријател од Струмица вели: „Претерувате во Охрид со цените. Кај нас за 200 денара можеш супер да си поминеш. И тоа во фини кафулиња, не некои биртии“. Гарант и поубави келнерки послужуваат.

Порака до охридските угостители. Доста „ограбувате“. Намалете цени. Нека биде едно кафе, да речеме 30 денари. Пристојна цена. Не лакомете за да можеме раат да си направиме кафе – пауза. А и туристите повеќе ќе ви ја ценат работата. Нема да се чувствуваат „пострижени“. Туризмот се луѓето, не објектите.

Спаско Костоски