Помеѓу селото и градот, малограѓанското и космополитското, глобализацијата и провинцијализмот, максимално расејан, неконцентриран, светот на “паланкатане е ниту село ниту град. Чудно опскурден дух здробен помеѓу “племенското затворенои “светското отворено”.

Филозофски гледано такво нешто како “иднина” само по себе не постои. Дури и “сегашноста” претставува само реинтерпретација на минатото т.е. најпросто кажано дека виљушката е виљушка и дека можеме да ја употребиме на определен начин, знаеме само од претходно (минато) искуство. Сепак иднина претставува потенцијалот на кој начин можеме истата виљушка да ја употребиме реинтерпретирајки ги минатите искуства. Терминот РЕИНТЕРПРЕТАЦИЈА го употребувам во смисла  на доаѓање до нови квалитети и надминување на историјата и постоечкото, преку наново согледување, еволуирање и преобразба.

Наспроти ова, духот на паланката се задоволува само со малограѓанска интерпретација на минатото, историјата, затворен дух заборавен во историјата, при што ваквата несреќна состојба очајно настојува да ја преобрази во своја привилегија. За паланечкиот дух преобразбите се мачни. Пасивноста и препуштањето на “она што е, претставува состојба на свесен конзервативизам на духот на паланката. Толку развиканото “чувство на првороденост, формулирано како “жива историја”??, која божем ни дава некакво право себе си да се набљудуваме како светско минато”, сė повеќе ја зајакнува ирационалната желба на паланечкиот дух за затворање во “сопствениот свет. На ниво на поединец, овој дух на паланката од човекот прави “Паланчанецкој што по своите определби многу е повеќе верен на својата паланка отколку на самиот себе. Тој не е индивидуа на “свој персонален (личен) пат”, со сопствени, лични, човечки вредности, морал и искуства, туку е збир на малограѓански, паланечки перцепции, ставови и стилови. Надворешниот свет?? Ах – тоа е само потенцијална можност за да се разори и сруши толку омилениот “колективен стил и еднообразност на паланката.

Систем на вредности и облекување: Турбо фолк, турско-кинески варијации на евтини, лажни крпчиња. Униформираност до неиздржливост. Визуелна порнографија и тортура.

Систем на обичаи: Обичаите се светост –слави, родендени, имендени, матури, полуматури, …! Опомена: во светот на паланката од непроценливо значење (космичко) значење е да се држите до обичајот. Тој е сė. Личноста е ништо. Имате нешто лично? Индивидуално? Каква катастрофа. Вие претставувате опасност. Не бевте сношти на слава? А на визита? Не? Невозможно! Боже каков идиот. Да не сте можеби некаков наркоман или нешто?

Стил на архитектура: безоблични, бетонски, турбо фолк градби. Проектантите и модерните “трудбеници” само во поголеми размери го пренесуваат својот порив и стил на градење на ГУЛАБАРНИЦИ. Некогашни градители на селски и маалски гулабарници може да изградат САМО И ЕДИНСТВЕНО паланечки гулабарници, без и малку урбан “шмек”, со мали, опскурдни прозорчиња, клаустрофобичен внатрешен простор и “тераси” на кои можат да слетаат и серат единствено гулабите и модерните пролетери.

Зелени урбани површини? Заборавете. Тоа е премногу декадентно за градителите и новобогаташите паланчани. Зелените површини мора да бидат УНИШТЕНИ! Погледот на зелената површина и паркот премногу болно ги враќа сеќавањата на паланчанецот на неговото детство поминато во чување на крави и кози во некаква вукоје…. Уништувајки го зеленилото за момент се ослободува од својата фрустрација и сосема се залудни обидите да му укажете дека го уништува најурбаниот елемент на градот. Тој не може да разбере дека “Централ парк” во Њујорк е попознат урбан симбол и од највисоката зграда и од најубавиот хотел.

Во оваа проекција на желбата да се “потисне руралното”, духот на паланчанецот го уништува “урбаното” и на тој начин останува “заробен во светот помеѓу” кој сам го креира и во кој се чувствува удобно. Тој е сега хотелиер, бизнисмен, градбеник-новобогаташ, со еден збор ПАЛАНЧАНЕЦ.

Стил на говор и комуникација: Идеално, паланката е свет на “свето ќутење” во смисла на некакво подлабоко промислување на нештата. Говорот на паланката и паланчанецот е како и сė друго, крајно еднообразен, оговарачки, стилски редуциран до степен на “ретардираност”, совршено едноставен, крајно сведен на најнеопходното, основното. Тој е стилски вообличен само во однос на “смртните” елементи на егзистенција на паланчанецот: со моментите на слави, раѓање, малограѓански ритуали, умирање. Бесмислени разговори со оние кои толку добро ги познаваме. Бесконечно повторување.

Алтернативното е неморално. Со каква само горчлива гордост, паланката го прифаќа својот ЛАЖЕН МОРАЛ, како своја предност!.

Дури и да не знаеме (од историјата и социологијата), кои ни порачуваат дека паланката е “чардак ни на небо ни на земја”, ни село ни град, нејзиниот опскурден дух можеме да го почувствуваме според секојдневното нагласување на верноста кон ЕДНООБРАЗНОСТА, ВООПШТУВАЊЕТО, НЕГИРАЊЕТО И ПОНИШТУВАЊЕТО НА СЕКОЈА ПОЕДИНЕЧНОСТ И ИНДИВИДУАЛНОСТ. Сė што е противречно на еднообразноста се отфрла со неисцрпна бруталност, својствена на паланечкиот лажно-моралистички дух, зад кој се кријат урбанистички дивјаци, креативни идиоти, семејни насилници, алкохоличари, сексуални незадоволници, перверзни традиционалисти. Биолошко месо со лоши навики и без енергија. Досадни суштества на паланката.

Горан Мицкоски

авторот е новинар и публицист