Доаѓа лето, а јас веќе неколку години со ред, кога ќе дојде лето, се мислам како и каде да заминам, што подалеку од Охрид. На прв поглед, изгледам како будала пишувајќи и мислејќи го ова затоа што сите сакаат на лето во Охрид, а само јас не ! Зошто !? Затоа што Охрид се претвори во шабанска провинциска паланка во која владее кичот. Џабе го викаме “Православен Ерусалим” и џабе е сета мистика. Џабе тука шетале Св. Климент и Св.Наум и го правеле народот писмен. Џабе му било и на Прличев. Џабе му е на Паско Кузман што “копа”, нема кој да го резбере неговото “копање”. Џабе им било на сите паметни луѓе кои се родиле и живееле во овој град. Џабе било нивното творештво кога денес живееме со кичот.
   
Секогаш се радувам кога ќе дојдам дома после долго време скитање надвор од државата. Таа еуфорија трае кратко. Во неколку дена ќе се видам со сите со кои сум бил близок цел живот, ќе кажам што е ново кај мене, ќе слушанам како им е досадно на сите. Ќе одам на плажа и веќе почнувам да ги отворам очите и гледам што се случува околу мене. Градот е (пре)полн со туристи. Економијата “цвета”. Ги има секакви, а и од секаде. Но во последниве неколку години, во Охрид се преселени “врвните светски туристички патници” и нашите “идоли”, Србите. Тие, како и просечниот Охриѓанец веќе многу одамна се изгубиле во естетиката на кичот и шундот, па веќе неколку сезони ни го носат и кај нас. Додека во другите земји, пристапот им е забранет, кај нас видоа нов рај и нивната малограѓанштина ја истураат врз охридската култура. Ах пусти Срби, кога велат “обожавам Охрид”, те ставаат три дена во мисла дали стварно го обожаваат или така велат зашто немаат каде веќе на одмор…

Низ Охрид, дефилираат провокативно спастрени Србинки, а позади нив охридските мажи, рака за рака,  заедно со нивните девојки. Мажите ги гледаат Србинките со кренати “патлаци”, а девојките бараат инспирација како може да изгледаат како нив. Тажна слика. Дури не вреди ни да ја коментираш. Секое кафуле тера некоја “шема”, Се почнува со некој мек хаус, се крева атмосферата со некои нови хитови од Ем-Ти-Ви за на крај кулминацијата да се достигне со најновите турбо-фолк хитови. Ги ценам исклучоците кои не ја прават оваа шема но и нив ги гледам како реткост.

Од можностите што сум ги имал да прошеам низ светот и да видам некои стари градови како Охрид, можам да констатирам дека Старите градови се затвораат после 24 часот навечер. Доколку во стариот дел на градот има кафулиња, во нив  има квалитетна етно-музика од тоа поднебје или елегантен џез, рок или блуз. Многу ми е жал што генетски ја немаме таа предиспозиција или можност да учиме од другите како треба во животот. Наместо Охрид да се развива на пример како Дубровник, да гради елитен туризам со квалитетите што ги нуди, ние се претвораме во провинциска шабанска паланка во која се е дозволено. Проблемот е во тое што никој не се нафатил да изработи сериозна стратегија за развој на Охрид и неговата околина (не ме чуди што немаме таков план ни на државно ниво). Па градот се развива стихијно. Ако продолжи вака, некаде за 20 години, нема да остане ништо од Охрид. Само турбо фолк кафеани, обложувалници, бетонски плажи и демек луксузни хотели, какви што се предвидени да се градат во иднина.

Јас сум за да се покренат неколку иницијативи:

-Министрството за култура да се пресели во Охрид.
– Истот така и Факултетите за ликовни уметности, архитектура, историја на уметност, драмски, теолошки и Академијата за музичка уметност.
Мислам дека е доволно за почеток со цел да се смени нешто за Охрид да постане културен центар. Потоа да се изгласа :
– Закон во собранието на РМ во кој ќе стои дека сите угостителски објекти да се прават со однапред пропишани и усогласени градежни стилови со цел за да се задржи автентичниот изглед на градот.
– Регулирање на бучноста во стариот дел на градот, издавање на лиценци за ресторани и кафулиња кои целосно ги задоволуваат стандардите на елитен туризам. Охрид со својата историја, заслужува подобри гости. Доколку еден ден станам градоначалник на Охрид, овие иницијативи ќе бидат во мојата програма. Добар пример што знам за елитен туризам е туризмот во Будва. Во стариот град можете да видите кафулиња во коишто пивото, најмалку е дупло поскапо од останатиот дел на градот, а во тие кафулиња  главно седат Германци, Руси, Французи, Англичани…Затоа и нема турбо фолк.

Помирен сум со фактот дека оние објекти кај нас во кои се пушта турбо-фолк музика, а се во приватна сопственост и ако им кажеш што да пуштаат, ќе имаме сериозен проблем со демократијата во државата. Еден ден, минувајќи покрај една биртија во моја близина, навистина не можев да останам рамнодушен на музиката шти ги параше ушите, она никој нормален не би можел да го поднеси. Глупав и “ убитачен ” турбо-фолк, феномен сам за себе, и културен и социолошки. Музика на луѓе што се наоѓаат во расчекор меѓу селото и градот. Полуграѓани кои се трудат да стекнат градски одлики и манири, а не можат да ги остават своите селски, т.е. “сељачки” навики. А да не се повеќе селани, да би биле граѓани, би се одрекувале од автентичноста на селото ама и од преубавата традиционална македонска староградска песна, затоа што таа не им е својствена, таа им е туѓа, затоа што таа не зборува за нив ниту за сличните на нив, а турбото е огледало на таа популација, со нафрлање на некое шунд кошулче со шари извезано за да биде помодерно, некој денар во џебот и нормално “Голф” 2,3 (купени на старо од Германија), јако озвучување и рака извадена на прозорот.

Поради сите овие работи, турбо-фолкот е (не)култура ако така може да се нарече. Попрво би рекол некултура, пропагира кич и сите “певаљќи” кои спаѓаат во тој систем на кичерај изгледаат помалку или повеќе исто со што помалку облека на себе, што подлабоки деколтеа од кои висат огромни “цицки”, тука силиконот и естетската хирургија си го направиле своето што изгледа и предуслов за успех, а гласовните способности кој ги “е*е”, битно е да ги пали излигавените сељачишта со подзинати усти. Во кичот спаѓаат и некои телевизски куќи кои немаат програмска шема, успешно ја пропагираат оваа (не)култура и главно се базираат на шпанските теленовели, па на крај ништо чудно ако има еден куп деца, главно девојчина кои растат со уверение и надеж дека тоа може да се случи и во реалноста.

Во нашите умови (овде не се ставам самиот себеси) веќе длабоко е всадена огромна доза на примитивизам и нерационализам во погледот на животот и негово успешно разбирање. За овој феномен, штом нешто спомнеш во одредено друштво, секако против него, веднаш доаѓа до бурни реакции, расправии, уверувања, полемики, па и прочуените машки изјави од типот “И ги виде цицките, јака е, а?” и сл. (колку да се разбериме…немам ништо против цицките). Најпосле, се се сведува на тоа дека јас ништо не знам и дека без турбо-фолкот, човек не може да се напие алкохол и убаво да си помине.

За крај, немам нешто посебно против тие што сакаат да го слушат тоа срање, односно на тие чија психа и начина на живот го подразбира слушањето на овај “измет” од музика, ама зошто во такси, продавници, автобуси, на работни места…и каде уште не морам да сум принуден на тие глупости. Би било добро кога тие свои сироти мозоци би ги переле дома или на места кои слободно можам да ги наречам “дебилни”, затоа што не гледам друг израз за таков тип на угостителски објекти, каде келнерките изгледаат како камењарки, а “певаљката” како газдарица на јавна куќа. За овај “измет” може да се пишува уште многу ама тоа ќе го оставам на друг чии живци му се скоро искинати. Моето прашање е :
Дали, заради заработувачката, градот Охрид треба да изгледа како јавна куќа во која е се дозволено ?

П.С. Ве молам да го погледнете ова видео за да ја добиете вистинската слика за Охрид:

http://www.youtube.com/watch?v=RKY4XK4FMYI

Илија Пиперкоски
(авторот е режесер)