Кометата ISON на која ѝ ја предвидоа славата на најсјајната комета во деценијата, според сѐ судејќи не го преживеала приближувањето до Сонцето, и целосно испарила и веќе никогаш нема да се појави, според снимките добиени од вселенските телескопи на коишто се појавува само мала облачеста „сенка“ на кометата, пренесува „Макфакс“.

Во четвртокот во 20,15 часот по македонско време, кометата требаше да пролета по најмалото растојание од Сонцето, на 1,16 милиони километри, но дури и пред тоа јадрото на кометата беше распаднато, претворајќи се во облак од меѓуѕвездена прашина. Во полето на набљудувањето на соларната опсерваторија SDO на американската агенција за вселенски истражувања NASA, која требаше да го регистрира самиот момент на пролетување на кометата крај Сонцето, таа сѐ уште не се појавила.

„Нашите апарати не можат да ја видат кометата ISON откако таа се доближи до Сонцето. Како и Икар, можно е и таа да прелетала многу блиско до Сонцето“, се вели во соопштението на NASA, објавено на профилот на агенцијата на Facebook.

Се проценуваше дека блокот од мраз и карпи ќе се најде под дејството на температура од 2.700 Целзиусови степени и ќе губи три милиона тони од својата маса во секунда, што се случуваше о нејзиниот пат околу Сонцето.

На снимките на другата соларна опсерваторија SOHO, по минувањето на кометата се појавил облак од прашина, кој лебди по нејзината орбита. Сепак, неговата светлина била неспоредливо помала отколку на кометата во периодот на доближувањето.

„Тажно е што таа се распадна. Но, од ледна точка на науката, тоа е фасцинантно: при нејзиното распаѓање биле ослободени супстанции од кои таа се состоела и можеме да дознаеме повеќе за материјата од којашто бил формиран Сончевиот систем“, истакнал астрономот и попуалрниот блогер Фил Плејт за време на телеконференцијата на NASA.

Кометата означена како C/2012 S1 (ISON) беше откриена во септември 2012 година од рускиот астроном Артем Новичонко и неговиот белоруски колега Виталиј Невски во текот на набљудувањата од опсерваторијата Кисловодска, којашто влегува во составот ан меѓународната мрежа опсерватории ISON (International Space Observation Network – Научна мрежа на оптички инструменти за астрометриски и фотометриски набљудувања) во чија чест е и именувана кометата.

Нејзините откривачи и други астрономи забележаа дека таа поседува уникатни карактеристики, односно дека има доволно големо јадро, од еден и пол до два километра, но нејзината орбита е таква што мора да помине многу блуски до Сонцето, а потоа и релативно блиску до Земјата. Доколку, пак, „преживееше”, тогаш кометата ISON на 26-ти декември ќе минеше на нејзината најмала оддалеченост од Земјата, на 64 милиони километри.

Блиското доближување до Сонцето овозможи да биде категоризирана во ткн комети кои го гребат Сонцето, но претставниците на оваа класа имаат големина на јадрото со десетици и стотици метри и обично исчезнуваат без трага. Кометата ISON ветуваше нешто повеќе, па научниците предвидуваа дека таа ќе стане една од најсјајните комети во деценијата, претпоставувајќи дека ќе биде посјајна од Месечината, па дури и 10 до 20 пати посјајна од Венера.

OhridNews