До крајот на денешниот ден осигурителните компании да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците, бара Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која денеска на седница го разгледа извештајот од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
Од Националното биро за осигурување и од Агенцијата за супервизија на осигурувањето како регулатор се бара во текот на денов да им предложат на осигурителните друштва до крајот на денот ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците, да ги вратат на ниво од пред 25 април и за тоа да ја известат Комисијата.
Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.
Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето се бара да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука.
Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица. На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци, наведува Министерството за финансии.
Од Националното биро за осигурување (НБО) во пресрет на денешната седница на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност посочија дека „одлуката треба да ги земе предвид интересите на крајните потрошувачи, но и реалната пазарна состојба, како и условите под кои работат осигурителните компании“.
Со донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното авто осигурување од страна на осигурителните компании за 15,44 отсто поскапува полисата што ја плаќаат граѓаните при регистрација на нивните возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 до скоро 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото.
OhridNews