По веста дека УЕФА го казнила Динамо Загреб за веењето на македонското знаме на трибините за време на дуелот со ПАОК, “Комити“ се понудија да им помогнат на загрепчани во плаќањето на казната.Навивачката група на ФК Вардар се понуди да му помогне на Динамо Загреб во плаќањето на казната од 20.000 евра изречена од УЕФА.


Претседателот на Динамо Здравко Мамиќ се пожали на одлуката на Европската куќа на фудбалот, која се одлучи да го санкционира неговиот клуб поради бизарен инцидент, мешајќи ја политиката таму каде што не и местото.

На дуелот со ПАОК во рамките на Лига Европа одигран на Максимир, помеѓу навивачите на домаќините можеше да се види истакната македонско знаме, а тоа не помина незабележано од гостинската делегација. Грците се пожалија до УЕФА, а таа пресуди во нивна корист, казнувајќи го Динамо со 20.000 евра. Со тоа УЕФА само уште еднаш ги покажа своите двојни аршини при донесувањето одлуки.

Еве го во целост и официјалното соопштение кое го издадоа “Комити“:  

“Навивачката група на фудбалскиот клуб Вардар, популарните “Комити”, се гневни на изрекувањето на казна од страна на УЕФА над фудбалскиот клуб Динамо од Загреб, затоа што неговите симпатизери го истакнаа македонското знаме на “Максимир” на мечот одигран помегу Динамо и солунски ПАОК во рамките на Лига Европа.

Комити Запад најстрого го осудуваат овој непромислен потег на УЕФА за кој сметаме дека е политички режиран од страна на грчките лобисти кои се анти-македонски расположени дури и во спортот. Комити не можат да го разберат овој двоен аршин на УЕФА која од една страна најстрого забранува мешање на спорт и политика, а од друга страна самата го практикува истото со оваа одлука. Со овој непромислен потег и изрекувањето на казна над Динамо, УЕФА сама се демантира дека нема политика во нивните редови.

Поради овој гаф на УЕФА, Комити му нудат финансиска подршка на Динамо со што би учествувале во плаќањето на изречената казна, и сметаме дека не само ние, туку и другите македонски групи и Македонци кои не се навивачи, а се истомисленици со нас и сметаат дека се повредени од УЕФА со тоа што ни го оспоруваат знамето и идентитетот можат, да ја подржат оваа наша иницијатива.

Воедно апелираме дека сите навивачки групи низ светот кои ќе истакнат македонски знамиња на своите трибини ќе бидат поддржани од страна на Комити Запад“.

“извор Курир“
Ohridnews