Компании од Австрија, Швајцарија, Катар, Азербеџан пројавиле интерес за инвестирање во изградбата на скијачкиот центар на Галичица, по објавената јавна покана од страна на владата и МЕПСО- странски и домашни компании да вложат во проектот.
– Од она што јас го имам како информација од МЕПСО и економските прмотори во владата знам дека неколку странски компании пројавиле интерес за инвестирање, неколку концерни од Австрија, Швајцарија, Катар, Азербеџан, но преговорите сеуште се во тек и ако се најде сериозен потенцијален инвеститор владата ќе пристапи кон објавување на тендер што ќе биде следна фаза во реализација на овој проект, изјави денес градоначалникот Никола Бакрачески.
Јавната покана на владата и МЕПСО до инвеститорите за изградба и стопанисување со скијачкиот центар и со туристичкиот комплекс на Галичица, беше објавена во месец јуни, а заинтересираните инвеститори требаше да го испратат својот предлог за ски-центарот и за туристичкиот ресорт до 1 септември. Компаниите што ќе влезат во најтесниот избор ќе можат да учествуваат на тендерот што потоа ќе биде објавен.
На заинтересираните инвеститори им се нудат два пакета. Првиот пакет се однесува на изградба и водење на ски-центарот и на комплексот на Галичица од страната на Охридското Езеро, а вториот е за изградба на туристички комплекс и од преспанската страна.
Т.К.